Хуавеј до британскиот одбор: Разголени сме пред вас. Истражете нè колку што сакате

Хуавеј пред Одборот за наука и технологија на британскиот парламент во понеделникот негираше каква било поврзаност со кинеската влада, објави Би-би-си..

Шефот за сајбер безбедност на Хуавеј, Џон Сафолк пред пратениците изјави дека ниту кинеската ниту некоја друга влада од компанијата не побарала да направи „нешто несоодветно“ и им предложи на сите заинтересирани страни да ги истражат нивните производи и да проверат дали содржат некои недостатоци кои би можеле да ја загрозат безбедноста на другите земји.

„Сега сме разголени пред светот. Но, во ред е. На тој начин можеме да ги подобриме нашите производи“, рече Сафолк.

„Сите нека нè истражуваат. Нас не ни е непријатно, ништо не криеме“, додаде тој.

Хуавеј беше повикан пред Одборот за наука и технологија за да одговори на прашањата на пратеникот за безбедноста на својата опрема и наводната соработка со кинеската влада.

САД побара од европските земји да не соработуваат со компанијата Хуавеј, најголемиот производител на телекомуникациска опрема во светот, во изградба на 5Г мрежата, велејќи дека кинеската влада преку производите на компанијата би можела да ги надгледува останатите земји.

Британските пратеници изразија загриженост и поради кршењето на човековите права во Кина, каде што во провинцијата Ксинџијанг, според извештаите на меѓународните организации, се затворени околу еден милион муслимани во т.н. центри за превоспитување.

Тие прашаа дали Хуавеј е обврзан да обезбеди телекомуникациска опрема за таа провинција, со оглед на тоа дека кинескиот Закон за разузнавање од 2017 година бара од поединците и здруженијата послушност кон кинеските безбедносни служби.

„Да, некое време беа во тек преговори со кинеската влада за ова прашање, но таа подоцна јасно стави до знаење дека ова не е обврска за ниту една кинеска компанија“, рече Сафолк.

Пратениците исто така беа заинтересирани за тоа дали Хуавеј преку својата опрема би можел да пристапи до податоците кои се наоѓаат во 5Г мрежата, на што Сафолк одговори дека компанијата е само добавувач на телекомуникациската опрема за оператори на мобилни мрежни.

„Ние не сме тие кои управуваат со мрежата и затоа немаме пристап до податоците што се наоѓаат на неа“, објасни тој, додавајќи дека Хуавеј е само еден од околу 200 добавувачи на опрема за британската 5Г мрежа.

Пратениците сакаа да знаат и дали 5Г мрежата може да се користи за следење на индивидуален корисник, на што Сафолк одговори дека технологијата зад мобилните телефони е од таква природа што мобилниот оператор постојано ги следи телефоните на корисниците за да може да ги поврзе со мобилната мрежа. Според оваа логика, нагласи Сафолк, секој оператор постојано ги следи сите свои клиенти.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top