И денеска ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира крстосници

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и за денеска најави протести и блокада на неколку крстосници низ Скопје. Како што информираат од партијата, протестите ќе се одржат на следниве локации во периодот помеѓу 15 и 17 часот:.

– Крстосницата кај Мавровка;

– Крстосницата помеѓу улиците „Васил Чакаларов“ и „Ангел Динев“ во Карпош;

– Крстосницата кај „Рампа“ во населбата Кисела Вода.

Воедно ВМРО-ДПМНЕ во 18 часот ќе организира и протест пред Министерството за правда, на улицата „Димитрија Чуповски“, каде ќе има повеќе обраќања пред присутните.

Како што наведуваат од партијата, протестите се организираат во знак на револт заради обвинувањата за, како што се наведува во партиското соопштение, наводен тероризам против 36 македонски патриоти и селективната правда на актуелната власт.

„Притисоците, заканите и уцените не смеат да бидат наше секојдневие. Потребна е слобода за сите неправедно обвинети. Македонија мора да оди напред. ВМРО-ДПМНЕ бара слобода за патриотите. ВМРО-ДПМНЕ бара да запрат неправдите, хајките и местенките. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на улиците се додека ова лудило на власта не престане“, пишува меѓу другото во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top