И натаму поделеност околу ставовите за името во Атина

Повеќе од два часа траеше вонредната средба во Владата во Атина што ја свика грчкиот премиер Алексис Ципрас во однос на прашањето на името со Македонија..

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕиас и претседателот на партијата „Независни Грци“, Панос Каменос, која е дел од владината коалиција излегоа со своите стари ставови.

Коѕиас говореше со оптимистички тонови истакнувајќи дека е неопходно решение „ерга-омнес“ за севкупна употреба на евентуално ново договорено име, а Каменос изјави дека не се согласува терминот Македонија воопшто да биде дел од решението.

Сепак, тој нагласи дека има доверба во шефот на грчката дипломатија и смета оти национално решение за ова прашање е неопходно. Во меѓувреме, Коѕиас изјави дека 2018-тта ќе биде година во која ќе се решат отворените прашања во надворешната политика на Грција.

„По прашањето на името, Владата како што постојано истакнувала, поддржува и преговара за име кое ќе биде за сестрана употреба, став кој Грција го претстави и во Букурешт. Ние сме за тоа да има согласност од сите партии во земјата“, рече Коѕиас.

Запрашан дали е оптимист за брзо решение, Коѕиас одговори дека тој секогаш бил оптимист. Панос Каменос, во меѓувреме останува на неговиот став дека сè уште е во сила одлуката од средбата на лидерите во далечната 1992 година.

„Постојат две важни одлуки во однос на прашањето со Скопје. Едната е одлуката на лидерите на политичките партии со претседателот Константинос Караманлис, а другата одлука е онаа од Букурешт. Сметам дека преговорите треба да продолжат, верувам во министерот за надворешни работи“, рече Панос Каменос, партија “Независни Грци”.

Во првите анализи на грчките медиуми веднаш по средбата беше наведено дека и покрај тврдоглавите изјави на лидерот на Независни Грци, се забележува омекнување во неговата реторика. Тргнувајќи од овој факт, грчките медиуми најавуваат дека во случај сите партии да се согласат со евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција, тогаш ниту Каменос нема да се противи.

Денешната средба во Атина уследи само неколку дена по позитивните сигнали на грчкиот премиер Ципрас и неговиот македонски колега Заев. Ципрас меѓу другото најави можно решение на недоразбирањата со Скопје во текот на оваа година, но официјална Атина побара од македонската влада конкретни чекори, па во таа насока ги нагласи избегнувањето на иредентизмот, менување на името на аеродромот во Скопје и на имињата на неколку улици.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top