И покрај критиките, за еден ден 20 држави нарачале милијарда дози од руската вакцина

Откако Русија ја регистрира првата вакцина во светот против „Ковид-19“, Светската здравствена организација соопшти дека сè уште не добила доволно податоци за да изврши проценка на новата вакцина..

„Соработуваме тесно со руските здравствени власти“, рече портпаролот на СЗО, додавајќи дека „во тек се разговори за евентуална преквалификација на вакцината“ што Русија ја нарече Спутник V, алудирајќи на првиот светски сателит на Русија.

„Сепак, ова се строги проверки и квалификации на сите информации поврзани со безбедноста и ефективноста на вакцината“, рече портпаролот Тарик Јашаревиќ, со што се потврдува дека проценката ќе трае долго.

И додека се кршат копјата околу новата вакцина и прашање е дали Русија невнимателно го ставила својот престиж пред човековото здравје и безбедност, руските медиуми пишуваат дека 20 земји веќе нарачале милијарда дози на Спутник V. Овие се земји од Јужна Америка, Африка и Азија. „Заедно со нашите партнери, ние сме во состојба да произведуваме половина милијарда дози годишно“, изјави Кирил Дмитриев, шеф на руското тело за иновации, потврдувајќи дека Русија веќе има низа клиенти.

Еден од нив е претседателот на Филипините, Диего Дутерте, кој јавно објави дека ќе биде првиот што ќе ја проба вакцината врз себеси. Институтот за технологија во Парана, една од сојузните држави погодена од пандемијата во Бразил, објави дека ќе произведува руски вакцини во своите погони. Нивното соопштение ги изненади тамошните централни власти.

Но, додека некои јавно изразуваат целосна доверба во руската вакцина, многумина предупредуваат на претпазливост. Имено, во април рускиот претседател Владимир Путин донесе закон со кој се скрати времетраењето на стандардните проверки на несаканите ефекти на вакцините.

Најавата дека ќе ја произведат вакцината и ќе ја тестираат истовремено во третата фаза од клиничкото испитување, постави црвен аларм за многумина.

„Ова е неразумна и глупава одлука. Масовната вакцинација со недоволно тестирана вакцина не е етичка. Ако се појави проблем, тоа ќе биде катастрофално не само за здравјето на луѓето, туку и затоа што ќе го поткопа прифаќањето на вакцинацијата во општеството “, изјави Франсоа Балукс, генетичар на британскиот универзитетски колеџ во Лондон.

Питер Хотез, експерт за имунизација на Универзитетот во Тексас, има исти ставови . „Тие ги прескокнуваат чекорите и тоа може да има штетни последици за глобалната битка за пронаоѓање на вакцините“, рече Хотез. Имено, многу други вакцини, особено шесте на кои смета СЗО, се во третата фаза од клиничкото испитување кое вклучува строго набљудувано тестирање на десетици илјади луѓе. Но, Русија одлучи да преземе бртза постапка.

Владимир Путин во вторникот објави дека е уверен во ефикасноста, дека вакцината создава силен имунитет и дека една од неговите ќерки ја земала. Русија објави дека руските медицински работници и наставници ќе бидат први што ќе ја примат новата вакцина.

Ентони Фаучи, шеф на американскиот Институт за инфективни болести и главниот лик на битката против Ковид-19 во САД, отворено изјави дека „силно се сомнева дека руската вакцина е подготвена за широко распространета употреба“. „Се надевам дека Русите со сигурност утврдија дека вакцината е безбедна и ефикасна. Но, јас искрено се сомневам во тоа “, рече Фаучи за АБЦ Њуз.

Имено, Фаучи посочува дека две различни работи се да се има вакцина и да се знае дека е безбедна и ефикасна. „Имаме најмалку пет или шест вакцини. И, ако сакаме, би можеле да почнеме да ги даваме следната недела. Сепак, тоа би можело да биде штетно за луѓето и не се прави така “, истакна Фаучи.

Американскиот министер за здравство Алекс Азар веднаш во вторникот истакна дека САД имаат строги безбедносни регулативи и дека „ова не е трка за прво место“. Руските медиуми ги нарекоа сличните изјави за нетолеранција на Западот и обид за дискредитација на руската вакцина.

Според СЗО, 28 вакцини во моментот се тестираат врз луѓе низ целиот свет. Две од шесте американски вакцини неодамна влегоа во третата фаза, а руската се знае дека штотуку била тестирана на луѓе во јуни, додаде Азар.

Во Русија, третата фаза на клиничкото тестирање започна во средата, иако вакцината е регистрирана претходниот ден. Ќе учествуваат 2.000 руски волонтери, а останатите се од Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Бразил и Мексико. „Новиот закон ни овозможи да ја спроведеме третата фаза во оваа ситуација како дел од давањето вакцини на групите кои се најмногу изложени на вирус и веруваме дека ова е најдобриот пристап“, рече првиот човек на Центарот за иновации, Кирил Дмитриев.

Русија се најде на четвртото место во светот по бројот на заразени, а бројките поврзани со „Ковид-19“ покажуваат дека досега се заразени 20 милиони луѓе во светот, додека 750.000 од нив починале како резултат на инфекцијата. Берзите реагираа на соопштението на Русија дека ја регистрирала вакцината, најпрво скокајќи во надеж дека вакцината би можела да биде меѓу нас помалку од планираното, но исто така бележеа пад на крајот на денот заради информацијата за нецелосност на сите потребни тестови.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top