И „СЕВЕРНА КАТАЛОНИЈА“ ЌЕ БАРА НЕЗАВИСНОСТ ОД ФРАНЦИЈА!

Во француската покраина позната како Северна Каталонија постојат сили кои сакаат независност од Франција и обединување со независна Каталонија..

Во неделата, околу 2000 жители на Перпињан, град во југозападната француска покраина Источни Пиринеи, излегоа на протести, извикувајќи: „Ние сме Северни Каталонци, сакаме да одлучуваме!“ веејќи каталонски знамиња.

Овој француски регион, кој граничи со Каталонија, всушност е историски дел од Каталонија кој ѝ припаднал на Франција во согласност со Пиринејската спогодба од 1659 година, по војната меѓу Франција и Шпанија која започнала во 1635 година во рамките на Трисетгодишната војна меѓу овие земји.

Со оваа спогодба, Франција ја анектирала територијата позната како Северна Каталонија, а таквото разграничување е одржано до денес.

Според пописот на населението од 2011 година, овој француски регион има 462.705 жители, а каталонскиот јазик е признат како еден од службените јазици во регионот, иако мнозинството говори француски јазик.

За разлика од Каталонија, овој регион нема автономен статус, но името Северна Каталонија или француска Каталонија се користи и натаму во неофицијален контекст.

Протестите во Северна Каталонија се одржани токму на годишнината од Пиринејската спогодба, а барањето на демонстрантите би можело да ја прошири каталонската криза за независност  и на територија на Франција.

Освен во Франција, минатиот викенд протести во знак на солидарност со каталонското движење за независност биле одржани и во другата шпанска покраина со изразено сепаратистичко движење – Баскија.


Да потсетиме, Каталонија по референдумот за независност кој Мадрид не го признава, прогласи независност, по што шпанската влада го активираше членот 155 од Уставот и ја разреши каталонската влада, но не ја укина автономноста на покраината. Каталонскиот лидер Карлес Пучдемон после тоа замина во Брисел, а нему и на неговите министри му се заканува судење заради бунт.

Каталонското прогласување независност не го призна ниту една светска сила или меѓународни организации. 


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top