И војници од Австралија добивале медали за служење во Македонија

Австралиските воени архиви се богати со документација за австралиското инволвирање во прекуокеански војни во кој се наоѓа и Македонија..

Австралискиот меморијален центар и aвстралиските воени архиви претставуваат интересен предизвик за подобро запознавање на воената историја на Австралија која датира наназад неколку векови. Податоците од архивите покажуваат дека иако Европа е надвор од австралиските геополитички интереси австралиските војници биле инволвирани во бројни војни кои ги водела Британија кон крајот на 19 век, па се до средината на 20 век вклучувајќи ги и Првата и Втората светска војна. Австралијците учествувале и во војните во Кореја, Виетнам и другите регионални конфликти. Во поново време австралиските воени сили учествуваа во Авганистан и Ирак, како и во мировните мисии во светот вклучувајќи ја и Македонија.

Кога Британија и објави војна на Германија во почетокот на Првата светска војна, австралиската влада веднаш ја проследи истата одлука. Во тоа време се веруваше дека која било објава на  војна од страна на Британија значело и вклучување на Австралија затоа што голем дел од населението било родено во Британија или по потекло од Британија.

Тоа што беше интересно во архивите е податокот дека во 20 век Австралија на свој начин  учествуваше со свое воено присуство и во Македонија. Факт е дека во 1918 година австралиската влада одобри медал-одликување за австралиските војници кои служеле на Балканот.

Во архивите на Австралискиот меморијален центар под точка „кој е кој во австралиската воена историја“ јасно пишува дека генерал полковник Едмунд Францес Херринг беше еден од највисоко ценетите австралиски војници во Втората светска војна. Во неговата биографија пишува дека е роден на 2 септември 1892 во државата Викторија и подоцна во животот бил назначен за заменик гувернер на државата Викторија. Во списите пишува дека Херринг со задоволство како млад војник од 1915-1918 служел во Британското воено воздухопловство кое во тоа време било стационирано во Франција и во Македонија. Херринг починал во 1982 година и слободно го употребувал терминот Македонија во сите негови дописи. 

Во архивите на меморијалниот центар исто така пишува дека „по инвазијата на Србија од страна на австро-германските сили и на бугарската армија во октомври 1915 година англо-француските сили беа испратени од грчкиот град Солун во Македонија за да и помогнат на српската Армија. Но веќе беше доцна да и се помогне на Србија и сојузничките сили под команда на францускиот командир Сарраил се повлекоа во Солун. Одбранбена линија беше изградена во должина од 110 километри како одговор на бугарската агресија и сојузниците извршија ограничен напад на градот Манастир-Битола, Македонија, кој во тоа време се наоѓаше во српските граници. Во оваа акција учествуваа 600.000 француски, британски и српски војници кои во 1917 година беа изложени на маларија и други зарази и во 1918 беше прогласен поразот на западните сојузници".

Во сите архиви, насекаде во австралискиот воен архив се користи терминот Македонија и македонски фронт. Она што е интересно е тоа што во списокот на медали наречен Австралиски империјални воени медали издадени во 1918  година од страна на австралиската влада се опишуваат имињата на одликувањата за австралиските војници кои учествувале во прекуокеанските воени акции. Во списокот на држави каде учествувале австралиските трупи во Првата светска војна пишува „медал 1914-15 ѕвезда за војниците кои служеле во Грција, Србија, Бугарија и Македонија". Се прави јасна разлика помеѓу Македонија и Грција. Во воените архиви на Австралија се опишуваат и имињата на воените бродови кои ги пренесувале австралиските војници во една од најголемите битки во Турција и под британско воено знаме пловел бродот со австралиски војници наречен ХМС Македонија.

Архивите покажуваат дека во периодот од 12 јануари 1992 до декември 1992 во состав на тогашниот УНПРОФОР учествувале и 4 австралиски воени офицери и бригадирот Вилсо бил одликуван од страна на УНПРОФОР со медалот наречен УНПРОФОР медал за служба во Хрватска, Босна и Македонија. Во 2001 година се објави и соопштение од австралискиот министер за одбрана и ветерани Брус Скот кој подвече: „Известен сум дека 216 припадници на австралиските вооружени сили служеа на Балканот , од 1993 наваму во Босна и Херцеговина и Македонија".

Зоран Ќосески


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top