ИГОР АВРАМОВСКИ АЛЕКСАНДРОВ : „ДОЈДЕТЕ СО 200 ЕВРА ДА ЈА БРАНИТЕ МАКЕДОНИЈА“

“ДОЈДЕТЕ СО 200 ЕВРА ДА ЈА БРАНИТЕ МАКЕДОНИЈА”.

Неколку прашања до популарниот хор што пее дека немаме право ние од Австралија, со претпоставени 3000 или 5000 Евра плата, да им продаваме патриотизам на оние што во Македонија живеат со претпоставени 200 Евра плата:

1. Можете ли да ни кажете колкава формална плата и колку црна ‘заработка’ од државниот буџет на Македонија примаат политичарите кои ги браните од нашите критики? Сте успеале ли во последните 27 години да ги консолидирате нивните формални плати со нивните практични богатства и нивните животни стилови?

2. Ве интересираат ли цените и обврските за живеачка во Австралија, односно како треба да се работи за било која плата и колкави даноци се плаќаат, како што ве интересираат шпекулции за големината на платата и колку ни е лесно нам да се занимаваме со Македонија?

3. Дали земаме нешто од македонскиот буџет во наводните наши 3000 или 5000 Евра плата, за да имаме потреба да ве заведуваме и лажеме како политичарите и партиските потррчковци што живеат незаслужено, некои на голема, а неко на помала нога, од вашиот заеднички државен имот и буџет? И дали повеќе вложуваат во тој буџет Македонци од дијаспората или политичарите кои вие ги следите (украдените пари што ги внесуваат, па ги вадат, не ги броиме како влог).

4. Дали броите колку години ја пеете истата песна дека со нашето противење на предавства како приемот во ОН под ФИРОМ, Спогодбата со Грција, договорите со Бугарија, оградувањето од Македонците во Егеј, Пирин и Мала Преспа, Рамковниот Договор, внатрешната етно-територијална поделба, признавањето на непријателското и криминално Косово…, ви попречуваме подобар живот и поголеми плати?

Колку се зголемени вашите приходи во тој период, а колкави богатства на ваша сметка, но нетранспарентно, стекнале политичарите кои ги браните од нашите критики, додека опстојуваат на владеачки позиции за пљачкање и силување на државата, подлажувајќи ве со неиздржани догми дека, ако распродадат само уште нешто од националните интереси, ќе ви биде загарантирана меѓуетничката хармонија, ќе завладее правото, ќе влезете во НАТО и ЕУ, ќе се интегрирате во светот и ќе земате поголеми плати, со истата непродуктивност која досега ја демонстрирате како општество?

5. Сте се прашале ли колкави плати имале и како живееле нашите баби, дедовци, прабаби и прадедовци, додека се бореле и успеале да ја создадат државата која вашите водачи, со ваше соучество, денес ја пљачкосуваат, парчосуваат, распродаваат, силуваат и обесчестуваат?

Сте се прашале ли дали тие кукале како вас или биле посреќни затоа што се држеле за чест, достоинство, правда и да бидат свои на своето? Сте помислиле ли дека можеби токму затоа тие успеале нешто да создадат, додека вие се давите во кукање, барање изговори за бездејство, префрлување одговорност и вина, па и плукање по истата дијаспора на која секојдневно барате да и се придружите, или да ви пушти некоја донација?

6. Ви значи ли нешто фактот дека добар дел од македонската дијаспора е протерана под воена закана и репресија од своите родни огништа (каде нејзините имоти се опљачкани), не само од Република Македонија, туку и Пирин, Егеј Мала Преспа, од страна на режими чии антимакедонски политики вашите политичари денес ги легитимизираат, за да продолжат да живеат нечесно на голема нога, на ваша сметка? Сте помислиле ли дека режимите кои тоа го спроведувале не би можеле да успеат без такви материјалистички и себични безкичмењаци како вас, кои си го обезбедувале бедниот опстанок на сметка на правдата и општото народно добро?

7. Кога велите ‘дојдете заедно да се бориме’, дали треба да ви веруваме дека ќе се борите рамо до рамо со нас или дека со нас ќе постапувате како со другите достојни македонски граѓани, кои ги хулите, омаловажувате, заплашувате со полиција и затвор, нелегално ги следите и кодошите, ги бркате од работа и дискриминирате против нив по партиска линија, па дури и ги затворате со бизарни обвиненија за тероризам во форма на протест во Собрание, додека ‘вашите’ претставници нелегално поставуваат меѓународно познат терорист за Претседател на узурпираното Собрание?

Или пак треба да дојдеме за борбата пред сѐ да ја водиме против вас?

8. Кога шпекулирате дека нашите деца не зборуваат добро македонски, во држава во која единствен официјален јазик е англискиот и сите стандардни настави на училиште и по универзитетите се водат на англиски, сакате ли да кажете дека тоа е поголем проблем од фактот што вие на водечки државни функции имате македонски граѓани кои одбиваат воопшто да зборуваат македонски во обраќања до Собранието, јавноста и при други службени пригоди?

9. Кога плукате по македонската дијаспора, мислите ли дека ќе имате морално право од нас да барате некаква помош за било што во иднина, или да бидете добро примени ако некогаш и вие се иселите од зорт?

10. Мислите ли дека навистина НАТО, ЕУ, САД, СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ ќе ви донесат подобар живот кога пред сѐ од сопствениот ум си патите? [Ова важи само за оние меѓу вас кои навистина преживуваат со околу 200 Евра месечна плата, а не оние кои со плукањето по дијаспората ги штитат приликите да живеат со нечесно стекнати приходи, измамнички извлечени од државниот буџет.]

Игор А. Александров

П.С.
Бидејќи не сум растел во режим на едноумие, па не сакам да генерализирам за сите Македонци во Австралија без статистички докази, како што вие тоа тенденциозно го правите, еве ви нудам на сите поединечна покана да направиме споредба, со македонски лингвист како арбитер, колкумина од вашите деца имаат поавтентични македонски имиња од моите (9г и 11г, родени во Австралија], колкумина од вашите деца читаат македонски подобро од моите, па и колкумина од вас дипломираните самопрогласени интелектуалци имаат почиста и поширока македонска писменост од мене, иако сум во Австралија од почетокот на 5то одделение, а тука нема етнички паралелки или мултијазичност во наставите, текстовите, задачите или испитите. – гласи статусот на Игор Аврамовски Александров на неговиот фејсбук профил.

NEWS24 


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top