Илјадници гости на „Голачките фолклорни средби 2019"

Планината Голак синоќа беше зборното место на илјадници посетители од Делчево, Виница и околните општини, иселеници од повеќе земји и гости од соседна Бугарија, кои беа дел од новото издание на „Голачките фолклорни средби 2019"..

На сцената на Меѓународниот фестивал кој има единствена цел афирмација и промоција на фолклорното богатство од земјава и од регионот, на сцената настапија над 200 учесници од фолклорни друштва од Измир-Турција, женска и машка фолклорна група „Бистришки извори" од Дупница, Р. Бугарија, како и културно-уметничките друштва  „Кирил Пејчиновиќ" од с.Теарце, „Вера Јоциќ" од Македонска Каменица, „8 Октомври" од Крива Паланка, ансамблот „Китка" од село Истибања како и домаќините КУД „Никола Јонков Вапцаров” од Делчево.

За учесниците беа подготвени подароци и благодарници кои им ги додели градоначалникот Горан Трајковски кој и го отвори фестивалот, осврнувајки се на уникатноста на неговото постоење.

– Се одржуваат многу фестивали насекаде, некои се и организациски поголеми, но „Голачките фолклорни средби" остануваат уникатни на овие простори, бидејќи се слави фолклорот под отвореното небо и на највисокиот врв на Голак, Чавка, на 1538 метри надморска висина. Наша обврска и понатаму останува да го надградуваме, да го промовираме неговото значење и сѐ повеќе да го обојуваме со меѓународни бои. На сцената да има широка палета од народни носии, изворни и вокални традиции уникатни за одредени подрачја. На Голак фолклорот обединува, но и го чува живото наследство и традицијата, рече Трајковски.

За учесниците од село Истибања беше задоволство да се учествува на оваа реномирана манифестација.

-Фолклорниот ансамбл последен пат настапи пред 10 годинк овде, не покануваат организаторите секоја година, но поради гостувања надвор од Македонија, не бевме во можност да настапиме. Еве вечерва повторно ја имаме таа чест да настапиме на овој собир каде за прв пат ќе го презентираме обичајот спрема Ѓурѓовден, истакна раководителот на ансамблот Китка, Стојко Митковски.

Голачките фолклорни средби ги проследија присутни од повеќе градови од земјава и странство, а меѓу нив и иселеникот Горан Илиевски со семејството од Србија кој по пауза од 9 години доаѓа во родното Делчево.

-Доаѓам од Винча, мало место во околината на Белград. Ова што се случува на Голак е навистина прекрасно, секоја чест на општината за организацијата. Во родниот крај последен пат бев пред 9 години и да ви кажам поубаво од родното место нема никаде, истакна Илиевски.

Фолклорниот собир се совпаѓа со одбележување на празникот посветен на Св.Пантелејмон каде традицијата на преноќевање на планината Голак и годинава ја продолжија посетителите палејќи свеќи кај истоимената црквичка во подножјето на врвот Чавка на Голак.

-Денес ги празнуваме светиот великомаченик Пантелејмон што значи семилостив. Во народот е познат како лекар и затоа многу луѓе доаѓаат овде на Голак на ова место посветена токму на овој светец да се помолат за здравје за себе и своите семејства, истакна свештеното лице Васко Шонтевски.

Годинашните „Голачките фолклорни средби" се во организација на Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров" од Делчево.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top