Илјадници Унгарци протестираа против „Законот за робови“

Илјадници Унгарци маршираа низ централниот дел на Будимпешта, изразувајќи протест против десничарската влада на премиерот Виктор Орбан. Протестите се одржуваат втор месец..

Протестите се одржуваат поради контроверзниот нов Закон за работни односи што им овозможува на работодавците да ги принудат работниците да работат 400 часови прекувремена работа, а исплатата за тоа да можат да ја одложуваат цели три години.

Антивладините демонстрации се одржуваат под слоганот „Национален протест против Законот за робови“.

На протестите, кои се организирани преку социјалната мрежа Фејсбук, се приклучија членови на опозициските партии, синдикати и невладини организации.

Демонстрантите се собраа на плоштадот извикувајќи: „Не сакаме да бидеме робови“, „Фидес мафија“, „Ова е фејк демократија“.

Од владејачката партија Фидес тврдат дека настанот е дел од предизборната кампања за изборите во Европскиот парламент на американскиот милијардер Џорџ Сорос.

Во анализа за ситуацијата во Унгарија „Вашингтон пост“ пишува дека иако авторитетот на Орбан е  неспорен – со поделена  опозиција, граѓанско општество за кое важат строги законски казни и со медиуми во негова сопственост, сепак протестите нудат нови докази дека Орбан  можеби погрешил со серијата потези кои ги презеде изминатиов период и предизвика интензивна и константна реакција каква што досега не е видена за време на неговиот мандат.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top