Илон Маск и покрај забраната, ја отвора фабриката во Калифорнија

Американскиот производител на електрични автомобили Тесла ќе ја отвори својата фабрика во Калифорнија, објави нејзиниот основач, Илон Маск, најавувајќи конфликт со локалните власти околу мерките за борба против пандемијата на коронавирус..

Маск се судри со локалните здравствени власти во округот Аламеда минатиот викенд и се закани преку твит со префрлање на компанијата во Тексас или Невада. Тој исто така најави тужби.

Во друг твит, тој потсети дека компаниите за автомобили во другите делови на САД веќе добиле дозвола да продолжат со работење, додека прописите на округот Аламеда сè уште не го дозволуваат тоа.

Тој сака фабриката на Тесла во Фримонт веднаш да се отвори, но локалните власти го одложија отворањето за околу една недела за да бидат сигурни дека коронавирусот престанал да се шири.

Маск го најави почетокот на производството, а компанијата ги повика работниците да се вратат на работа.

„Тесла денес го рестартира производството, спротивно на прописите на округот Аламеда.

Делови од Калифорнија веќе овозможуваат повторно отворање на одделни фабрики.

За да се ублажат тензиите меѓу компанијата и локалните власти, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њузом, објави дека „Тесла“ и другите производители ќе можат повторно да ги отворат фабриките уште следната недела.

„Убеден сум, се надевам и очекувам дека производството ќе може да продолжи уште следната недела“, изјави гувернерот.

Калифорнија со години и помага на компанијата, а за возврат има корист од фактот дека на нејзината територија се произведуваат луксузни електрични автомобили, истакна Њузом.

Калифорнија е најголемата економија во САД и многумина ја рангираат на петтото место во светот. Tesla е најновиот во низата производители на автомобили кои решија да произведуваат во таа американска држава.

Не е познато што размислува одборот на директори на Тесла за одлуката на Маск. Ексцентричниот милијардер во неколку наврати беше критикуван за објавите на Твитер, но тој сепак е шеф на компанијата, потсетува агенцијата Dpa.

Така, на почетокот на годината, тој ја минимизираше сериозноста на пандемијата, а потоа се залагаше за неоснованата теорија според која, Ковид- 19 може да се лекува со антималарични лекови. Тој ги нарече мерките за борба против пандемијата „фашистички“, залагајќи се на Твитер за нивно укинување.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top