Има шанси 5 јули да преживее како изборен датум

Ако не биде прогласена вонредна состојба, според Уставот и владината уредба со законска сила за изборите од 22 март, гласањето ќе мора да се одржи на 21 јуни, на што опозициската ВМРО-ДПМНЕ силно се противи и најави бојкот.

Советот за безбедност, што го свика претседателот на државата Стево Пендаровски, денеска напладне ќе ја анализира здравствено-економската состојба и ќе решава дали ќе продолжи вонредната состојба. Засега нема барање за лидерска средба, но Комисијата за заштита од заразни болести ќе ѝ препорача на Владата да побара Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба поради зголемениот број заразени од коронавирусот во претходните денови. Сѐ уште е во игра јули како месец во кој ќе се одржат вонредните парламентарни избори.

Се очекува дека Владата ќе побара вонредна состојба од претседателот и поради тоа што сѐ уште не е постигнат консензус околу датумот за изборите. Ако не биде прогласена вонредна состојба, според Уставот и владината уредба со законска сила за изборите од 22 март, гласањето ќе мора да се одржи на 21 јуни, на што опозициската ВМРО-ДПМНЕ силно се противи и најави бојкот.

– Датумот на изборите е детерминиран со Уредбата со законска сила, која важи до завршувањето на вонредната состојба. Од тој момент за 22 дена треба да се одржат изборите кои беа закажаните за 12 април, но беа ставени во мирување поради прогласената вонредна состојба и справување со пандемијата. Валидноста на уредбата ја потврди Уставниот суд. Парламентарните избори треба да се реализираат во првиот можен рок, во оној момент кога ќе има најмногу услови – велат од Владата за „Слободен печат“.

Деновиве се шпекулираше со разни датуми за изборите. СДСМ инсистира тие да се одржат пред летото – на 21 јуни, 28 јуни или најдоцна до 5 јули. За ДУИ не е прифатлив ниеден датум во текот на летото подоцна од 5 јули. ВМРО-ДПМНЕ најави бојкот ако изборите се одржат во јуни, но не коментираат ништо за евентуален консензус околу 5 јули или евентуално 12 јули, а според нив најдобар термин за избори на крајот на август или почетокот на септември. Иако ништо не е договорено, јасно е дека, ако денеска биде прогласена вонредна состојба, јуни отпаѓа како опција.
Двете најголеми партии и вчерашниот ден го потрошија во меѓусебно препукување за тоа кој е виновен за зголемениот број заболени, без да најават можен компромис.

„Со своето неодговорно и несериозно однесување за време на кризата со коронавирусот, Наќе Чулев го загрози јавното здравје и денес сите ги чувствуваме последиците. Чулев по налог на Мицкоски не само што не помага, туку и одмага во борбата против последиците од коронавирусот. На Чулев и на ВМРО-ДПМНЕ им е важно само да ја злоупотребуваат полицијата како во времето на режимот. Затоа, почитувани, потребни се избори и нова Влада и Собрание со полн легитимитет од граѓаните“, порачаа од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Филипче е виновен за зголемениот број заразени. „СДСМ и Венко Филипче целосно потфрлија во борбата со коронавирусот. Владата на СДСМ нема стратегија за кризата во која западна цела држава. Да ја имаше, министерот за здравство и Владата немаше да се борат како да му ја спасат кариерата на Зоран Заев, со брзи избори, туку разумно ќе ги преиспитаа одлуките што ги носат на штета на здравјето на граѓаните“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку зад очите на јавноста двете партии постигнат компромис за избори во почетокот на јули, се очекува претседателот Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба во согласност со договорот. Таква оценка даде и универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски.

– Ќе воведат уште една вонредна состојба за потоа да го испеглаат датумот за изборите. Веројатно в сабота ќе дојде до договор. Претседателот ќе им понуди ако треба уште една вонредна состојба и ќе имаме избори некаде кон средината на јули – смета Фрчкоски.

Изборите клучни и за евроинтеграцијата

Министерот за администрација Дамјан Манчевски посочи дека државата не може да си дозволи уште долго да биде со техничка влада, не само поради нефункционалноста на институциите туку и поради европските интеграции.

– Еврокомесарот Оливер Вархељ најави дека до 15 јуни ќе ја добиеме преговарачката рамка за отпочнување на преговорите и ќе треба да се закаже првата меѓувладина седница. Лошо е, а не знам ни дали е воопшто возможно целиот овој процес да го води техничка влада и без активно Собрание. Ние немаме луксуз уште долго време да седиме без Собрание – рече Манчевски.

Според францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, демократските општества имаат потреба од функционални институции.

– Треба низа економски мерки и одлуки што би можеле да се донесат само од легитимни институции, а кога ќе се случат изборите, тешко е да се одговори. Наша желба е колку што е можно побрзо, а за тоа е потребна политичка, но и објективна одлука, која се базира врз здравствената состојба во земјата – рече Тимоние за Радио Слободна Европа.

Извор: Слободен Печат


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top