Инаугурација на Реџеп Тајип Ердоган: Бев чирак, па калфа, сега сум голем мајстор, а Турција ќе стане велесила

Ердоган го опишуваат како голем политичар, воспитуван со идеите на патријархалниот аскетизам и сунитскиот ислам, како човек од народот со ретка остроумност и лидер со голема дарба за комуникација со масите и со блискост во личните контакти.

Актуелниот претседател на Турција Реџеп Тајип Ердоган во понеделникот за првпат положува заклетва како претседател според новиот политички систе, кој на шефот на државата му дава целосна извршна власт.

На свечената церемонија најавено беше присуство на 22 претседатело, 28 премиери и претседатели на парламенти. Откако дојде на власт во 2003 година, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја именуваше секоја фаза за време на консолидацијата на својата власт – прво себеси се нарече чирак, потоа калфа, а на крајот мајстор.

Спроти изборите во јуни АП пренесе дека Ердоган (64) вели дека новиот петгодишен мандат би го унапредил во голем мајстор и би му помогнал од Турција да направи една од најголемите светски сили до 2023 година кога Турската Република одбележува 100 години од основањето.

Најмоќниот и најполаризирачкиот лидер во историјата на Турција, како што американската агенција го нарекува Ердоган, бараше нов мандат на претседателските избори, кои би можеле да го зацементираат преодот на Турција од парламентарен кон претседателски систем, за што доби тесна поддршка на референдумот минатата година.

Ердоган го опишуваат како голем политичар, воспитуван со идеите на патријархалниот аскетизам и сунитскиот ислам, како човек од народот со ретка остроумност и лидер со голема дарба за комуникација со масите и со блискост во личните контакти.

Освен Кемал-паша Ататурк, кој на чело на државата наследничка на Османлиската империја бил 15 години, од 1923 до 1938 година, Ердоган несомнено претставува најзначајна фигура на модерна Турција.

Тој го има поминато патот од уличен продавач на ѓевреци во сиромашниот истанбулски кварт Касимпаша, преку успешен градоначалник на најголемиот град во Европа – Истанбул, и политички затвореник, до неприкосновен водач на Партијата на правдата и развојот (АКП), која со години владее со Турција.

На политичката мапа на денешна Европа турскиот претседател може да се споредува само со двајца лидери.

Освен германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин, во новиот милениум единствено Ердоган суверено владее со земјата која благодарение на својата големина, бројот на жители, геостратешката позиција, историјата и традицијата, има потенцијал да влијае врз настаните и вон сопствените граници.

За разлика од Путин и Меркел, кои на својот пат до врвот тргнале од длабоко вкоренетите естаблишменти на Русија и Германија, водачот на турските конзервативци потекнува од милјето кое претходните 80 години претставуваше прогонети маргиналци на турското општество.

За разлика од рускиот претседател, кој од својот претходник ги доби директно в раце прерогативите на апсолутната власт, и германската канцеларка која ги наследи сите механизми на еден добро организиран систем, Ердоган во ноември 2002 година презеде кормило на еден нестабилен брод, чијашто посада за време на првиот мандат работела се што може да го оневозможи новиот капетан турскиот брод да го насочи во насоката за која и го доби мандатот од народот.

Сега кога секуларните медиуми и правосудство се на колена, војската и целата администрација е под негова контрола, а односите со ЕУ се на топло-ладно, останува да се види во која насока ќе оди бродот на Ердоган.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top