Инциденти по донесувањето на Законот за јазици: Закани кон пратеници, МВР со безбедносни активности

Непознат сторител синоќа со камења искршил три стакла од седиштето на СДСМ во Гостивар на улицата „Илинденска“..

Од МВР информираат дека извршен е увид и се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот. Во изминатите денови десетици лица протестираат пред домовите на пратеници од СДСМ, бидејќи гласале за Законот за јазици.

Собири имаше пред домот на Кети Смилевска, пратеничка од Прилеп. Демонстрантите извикуваа „Предавник“. Портпаролот на МВР Тони Ангелковски вели дека МВР превзема активности за безбедноста на сите граѓани, не само за пратениците.

„МВР ги следи тековните случувања и редовно се прават безбедносни проценки. Согласно тие проценки МВР превзема соодветни мерки и активности се со цел гарантирање на безбедноста на граѓаните и државата“, вели Ангеловски.

Претседателот на Парламентот Талат Џафери го повика МВР да ги заштити пратениците, бидејќи како што вели нивната безбедност е загрозена. Тој додава дека пратениците не смеат да се шиканираат.

„Јас почитувам револт, почитувам несогласување на било кој, но атакот врз институција пратеник никаде не е дозволива и затоа институциите треба да ги превземаат надлежностите. Не може било кој на улица да се најде поради лично убедување дека некој прави нешто лошо на таков начин да се расправа со пратеникот“, истакна Џафери.

По изгласување на законот, независниот пратеник Ферид Мухиќ од собраниската говорница изјави дека со пратениците не треба да се движат премногу во јавноста за да не иритираат.

„Со оглед на тоа што се случи на 27 април, со колегите пратеници се договоривме да седиме дома. Нема да побарам заштита, предраматично е да се размислува и да се зборува за ова. Најлошо е што може да има сериозни елементи, за кои треба да се размисли. Немав заштита изминатата вечер, но се договоривме да не се движиме многу во јавност, за да не иритираме“, изјави Мухиќ.

Ноќта, по усвојувањето на Законот беше запален автомобилот на пратеничката на СДСМ од Виница Славица Шуманска – Митева.

Исто така во Скопје на ѕидовите на Институтот за Албанско културно и духовно наследство во Скопје осамнаа графити со навредлива и заканувачка содржина. Полицијата се уште нема осомничени за овие настани, но како што вели работи на пронаоѓање на сторителите.

Извор: ТВ21


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top