Иран продолжува со извозот на нафта и покрај санкциите

Иран ќе продолжи да извезува нафта преку „неофицијална или неконвенционална продажба“ и покрај американските санкции, изјави министерот за нафта Биџан Намдар Занганех..

На почетокот на мај Соединетите Американски Држави ги укинаа отстапките кои се однесуваа на осум земји – Кина, Јужна Кореја, Грција, Индија, Италија, Јапонија, Тајван и Турција – за да можат да продолжат со купување иранска нафта не кршејќи ги притоа американските санкции донесени еднострано притив Иран во 2018 година.

„Постои можност за неофицијална или неконвенционална продажба. Таа е тајна бидејќи, ако знаат за неа, Соединетите Држави веднаш би ја сопреле“, кажа Занганех во интервју за иранска медиумска куќа кое го пренесе Шана, агенцијата на министерството за нафта.

Занганех одби да даде и најмал детал за продажбата на нафтата, додавајќи дека не сака да објави какви било бројки „сѐ додека не се укинат санкциите“.

Американскиот претседател Доналд Трамп во мај 2018 ги повлече САД од Меѓународниот нуклеарен договор склучен во 2015 во Виена, истовремено воведувајќи низа економски санкции против Иран, особено насочени на нафтениот сектор.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top