Иран се откажува од нуклеарниот договор

Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека наредил напуштање на сите ограничувања во нуклеарното истражување и развојот на оваа технологија во земјата..

Со тоа почнува „третата фаза“ од планот на иранските власти за намалување на нуклеарните обврски на Иран, што произлегоа од договорот со меѓународните сили од 2015 година, пренесуваат светските медиуми.
– На Организацијата за атомска енергија ѝ е наредено да ги преземе сите потребни истражувања и чекори во развојот и да ги напушти сите преземени обврски во оваа област. Оваа мерка е преземена затоа што не успеавме да го постигнеме резултатот што го посакувавме, во контекст на тековната дипломатска иницијатива на Франција да го спречи од пропаѓање нуклеарниот договор, постигнат во јули 2015 година во Виена – порача Рохани.

Изјавата на иранскиот претседател следува непосредно откако американскиот претставник за Иран, Брајан Хук, ја отфрли идејата за „ставање надвор од сила“ на санкциите на САД против Иран, за да се овозможи кредитната линија од 15 милијарди долари, за која беше разговарано со европските земји-потписнички на нуклеарниот договор. Иранските власти претходно сигнализираа дека се подготвени повторно во целост да го почитуваат нуклеарниот договор во замена за кредитната линија, а крајниот рок за постигнување на договорот со европските земји истекува претстојниот викенд.

Франција, Германија, Британија и Иран изминатите неколку дена преговараа за тоа како да се спаси меѓународниот договор од 2015 година, кој е доведен во прашање уште од мај 2018 година, кога САД еднострано се повлекоа од него.
Реагирајќи на изјавата на Рохани, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара да се зголеми притисокот врз Иран.

– Бевме информирани за уште едно нарушување и за уште поголемо игнорирање од страна на Иран, овој пат во неговата желба да добие нуклеарно оружје. Тоа одговара на агресивните чекори на Иран против меѓународната пловидба и против земјите во регионот, а одговара и на неговите напори да почне напади на Израел. Сега не е време за преговори со Техеран. Сега е време за зголемување на притисокот врз Иран – порача Нетанјаху.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top