Искра Гешоска: Сите споменици под итно да се срушат!

Граѓанската активистка на својот Фејсбук профил упати низа критики за изгрдбата на спомениците во Скопје.

Какво лудило ова со споменициве – наместо сите да ги срушиме со се шмизлите барабар, сега уште дебатираме зошто овој не оној. Вака претседателката на Јадро, асоцијација на независната културна сцена, Искра Гешоска на својот Фејсбук профил го коментира поставувањето на споменици низ главниот град, пренесува Либертас.

„Отсекогаш сум имала голем зазор кон споменици, не кон скулптуларната уметност генерално, туку кон споменици. Тие се за мене пример за употреба на хиерархизирани идеолошки апаратуси, на востоличување на моќта, на опомена, на испразна монументалност која манипулира во голема мера со историјата, наметнувајќи доминантни нарации, нарации кои ги артикулира моќта… не битно кој колку значел и што придонел за човештвото – не гледам причина да му/и’ се одолжиме со морбидна негова/нејзина реинкарнација во бронза, мермер, восок или што и да е. Освен тоа, не можам да поверувам дека се’ уште некој мисли дека оваа власт има некаква почит кон каква и да е историја или културно-политичко-историско наследство. Не, не… станува збор за манипулација и кражба, да не речам пљачкосување не само на даночните обврзници туку и на комплексното читање на историјата, но и на јавниот простор… како и да е, не поднесувам споменици, бисти, доколку претставуваат петрифицирано тело на одредена историска личност. Спомен обележја, може. Скулптурално артикулирани меморијали, може, ама ова лудило не! Еве до кај доведе лудилото – не да застанеме и да побараме да се отстранат сите споменици, туку уште и се натпреваруваме чив споменик бил поставен а чив не. Сите споменици под итно да се срушат! И од едната и од другата страна на Вардар! Не сакам да живеам во петрифицирана, наметната и наложена историја, особено не во земја која има толку шаренолики културни идентитети. Посебно инсистирам да се урнат сите споменици на светци. Срамота! Култови и идолатрија од светци се прави. Ја повикувам МПЦ да организира отстранување на сите споменици на св. Кирил и Методиј и на св. Климент Охридски. На крај, повикувам да се потсетиме на некои спомен обележја кои достоинствено ги бележат трагите од историјата“ - коментира Гешоска




Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top