Исмајлоска-Старова: Гласав по свое убедување, без закани и не се каам

Гласав по сопствено убедување, без притисоци и закани, гласав затоа што и посакувам иднина и просперитет на Македонија, вели за Макфакс Нола Исмајлоска-Старова.

-По сопствено убедување гласав „за“. Овој процес мора заеднички да го спроведеме, јас сакам да бидам активно вклучена во него, да помогнам за изнаоѓање на решенија и затоа се изјаснив за отворање на Уставот. При носење на одлуката се водев од личната желба за просперитет на Македонија и одговорно ги отфрлам наводите за закани кон мене при изјаснувањето, вели пратеничката Исмајлоска-Старова од која исто така општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Струга побара враќање на мандатот.

Исмајлоска-Старова особено ја истакнува поддршката за отпочнување на процесот што пристигнувала од сите страни, како од граѓаните така и од меѓународниот фактор. Тоа е момент, вели таа, за кој треба да направиме напори да го искористиме, државните интереси да надвладеат над партиските со крајна цел – во корист на сите нас и во корист на нашата татковина.

Одлуката на ИК на ВМРО ДПМНЕ за исклучување од партијата не сака да ја коментира, меѓутоа е убедена дека донела одлука за подобро утре на Македонија.

-Не сум загрижена за сопствената безбедност. Постојано добивам поддршка од граѓаните и од моите сопартијци. Политиката наложува моменти во кои мора да се донесат и тешки одлуки, вели Исмајлоска-Старова.

Прифаќањето на четирите барања на осумте опозициски пратеници од Владата за Исмајлоска-Старова ќе значи подавање рака и во тој случај таа ќе гласа и за уставните измени.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top