Иванов: Од нас се бара да се откажеме од историјата

Тој потсети на илинденците што пред 110 години, како што рече, ја натопија поробената македонска земја со својата крв..

Претседателот Ѓорге Иванов се обрати пред граѓаните во Пелинце по повод празникот Илинден.

Тој потсети на илинденците што пред 110 години, како што рече, ја натопија поробената македонска земја со својата крв.

- Се сеќаваме на борците во Народноослободителната и антифашистичка борба кои го разгореа пламенот, потврдувајќи ја праведноста на македонската кауза. Во тие историски мигови, пред нив имаше само две можности: Или Македонија ќе биде зандана за робови или слободна татковина на слободни луѓе. Нашите херои решително го искористија единственото средство што поробувачите не можеа да им го земат, а тоа е борбата.  Вооружената борба за слобода, за правда и човечко достоинство. Она што Бог го дава, никој не може да го одземе, рече Иванов.


Од нас, додаде, се бара да се откажеме од историјата, како да станува збор за некоја книга што само ја позајмуваме и враќаме во библиотеката наречена колективна меморија. - Но, историјата не е приватна сопственост на само еден народ или една држава. Историјата не е само она што е запишано во книга. Таа е сиот проживеан живот на генерациите пред нас. Историјата е заедничка, таа е дел од нас, дел од она што сме биле, што сме и што ќе бидеме. Како и светлината, така и историјата е збир од спектарот на сето она што им се случило на сите народи. Ние сме дел од тој спектар, независно дали некој тоа го признава или не. И историјата е како река што тече и не застанува. Некаде е бистра, некаде е матна. Некаде е плитка, некаде е длабока. Некаде е тивка, некаде е брза. Историјата е дел од сите оние поединци и народи, заедници и држави кои споделиле заедничко минато. Европската унија е изградена врз сфаќањето на големата вистина дека независно од претставите, историјата е една и неделива – таа е заедничка и им припаѓа на сите европски народи. Затоа повикувам на европски пристап кон историјата, рече Иванов.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top