Иванов продолжува да го блокира Договорот за името

Претседателот Ѓорге Иванов сé уште не соопштил како ќе постапи со Законот за ратификација на спогодбата за името, кој беше одобрен во Собрание пред неколку дена..

Ако Иванов до средината на идната недела, кога истекува законскиот рок од 7 дена, остане на првичниот став дека нема да го потпише указот, законот ќе се врати на повторно гласање во Собранието. По повторното изгласување, според Уставот, претседателот е должен да го стави својот потпис, но на примерот со законот за јазици, тој покажа дека може да не ја испочитува обврската. Премиерот Зоран Заев повтори дека ништо не зависи од Иванов ниту од други политичари, туку дека последниот збор ќе го имаат граѓаните. Во интервју за српскиот весник „Политика“, Заев е оптимист дека референдумот ќе биде успешен.

„Јас сум непоправлив оптимист и верувам дека референдумот ќе успее, а тоа ќе значи успех за секој граѓанин на Македонија. Но, како и да е, ние како Влада јасно ќе го образложиме својот став пред референдумот. Дали тоа ќе имаат аргументи и храброст да го направат и другите политички субјекти, ќе видиме. Ама зборот на граѓаните ќе мора да го почитуваат сите, и претседателот Иванов, и опозицијата, и ние како Влада“, изјави Зоран Заев, премиер.

Грчкиот министер Никос Коѕиас утре ќе ги испрати писмата до НАТО и ЕУ со кои ќе потврди дека Атина ја крева рампата за соседот.

Поддршка за членство во НАТО бара министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, преку писмо нејзините колеги од земјите-членки. Шеќеринска вели дека со прием на земјава во НАТО, ќе се консолидира демократијата и ќе се зајакне стабилноста и безбедноста на целиот регион.

„Ви пишувам за постигнувањето на историскиот договор за името со Грција. Оваа пречка за нашата евроатлантска интеграција е отстранета. Барам ваша поддршка Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО на следниот Самит“, се вели во Писмо на министерката Шеќеринска до земјите- членки на НАТО.

За Москва приемот на Македонија во НАТО би била грешка со послецици.

„Се разбира, нема да фрлиме атомски бомби. Секоја земја има право да носи одлуки и да прави сопствени грешки. Но, има грешки кои имаат последици“, рече Владимир Чижов – постојан претставник на Русија во ЕУ.

На самитот на НАТО во јули му претходи Самитот на ЕУ кон крајот на идната недела. Одлуката за започнување на преговорите за членство во ЕУ, зависи од Франција, која се противи на тоа. Германија како и САД преку државниот секретар, Мајк Помпео, отворено бараат од Париз да се откаже од блокадата.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top