Иванов: Во Кабинетот на претседателот не се разговарало за вонредна состојба

Претседателот Ѓорѓе Иванов кажа дека на 27 април во Кабинетот на претседателот „не се размислувало, ниту се разговарало за воведување на вонредна или воена состојба“..

Тој ден настаните ги  гледал на телевизија, а потоа го побарал својот генерален секретар да свика состанок на Кабинетот за да најдат начин да повикаат на смиреност за ситуацијата, како што рече, да не излезе од контрола.

„Сценарио за воена и вонредна состојба немало, освен ако во Република Македонија не функционирал паралелен Врховен командант на вооружените сили и паралелен Генералштаб на Армијата на Република Македонија. Вистинското прашање е кому во тие моменти му одело во прилог да го злоупотреби Кабинетот на Претседателот и да креира лажна перцепција за прогласување на воена или вонредна состојба“ рече Иванов.

На прашањето каде бил неговиот генерален секретар Борис Јосифовски, Иванов рече дека сега разбрал дека тој бил во седиштето на ВМРО ДПМНЕ. Вчера обвинетиот Александар Василевски Нинџа во Судот рече дека од Горан Грујески поранешниот шеф на УБК дознал дека Борис Јосифовски, генерален секретар на претседателот Иванов е во штабот на ВМРО ДПМНЕ и дека претседателот ќе воведе вонредна состојба. Истата вечер, Василевски додаде дека му било кажано дека под влијание на странски претставнции Иванов ја повлекол одлуката за воведување на вонреднас остојба.

Советникот на Иванов за национална безбедност Синиша Алексовски, на 27 април бил на службен пат и по наредба на Иванов се вратил околу полноќ во земјава. И Алексовски беше посочен од дел од обвинетите како лице кое пренело информација дека Иванов ќе прогласи вонредна состојба.

Иванов денеска ја повика меѓународната заедница да кажат дали некои од нив влијале врз него да не се воведува вонредна состојба. Тој обвини дека се шират лажни вести, небулози и дека се води хајка против Кабинетот на претседателот.

„Со генерирање лажни вести нема да се прикрие реалноста и вистинските нарачатели на настаните од 27 април. Кабинетот на Претседателот не е дежурна служба за давање алиби“ рече Иванов.

За главен виновник ја псоочи УБК која рече дека е „жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи“.

„И по три години од дијагнозата на Прибе, болеста не е отстранета. Ако УБК се дрзнува без никакви основи да ги следи активностите на мојот Кабинет и да ме става мене како Претседател во службени белешки кои опишуваат непостоечки настани, се плашам од помислата што сè се случува во оваа институција и како се креираат извештаи со фиктивни извори за да се постигне определена цел„ кажа Иванов.

Иванов за прв пат по подолг период дозволи новинарите да постават прашања по негово обраќање.

За бегството на Груевски, Иванов рече дека „има надлежни институции кои треба да си го кажат својот збор“ и додаде дека Груевски не е единствениот кој избегал од државата.

Потврди дека изминатиов период имал средба со Миле Јанакиевски и Владимир Пешевски и дека на тие средби разговарале за процесот на помирување.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top