Изненадувачки нов „шатдаун“ во САД

Веќе вторпат годинава во САД во сила е блокада на буџетот. Таа меѓутоа најверојатно ќе биде краткотрајна, бидејќи во Претставничкиот дом на Конгресот веќе денеска наутро следува ново гласање..

Во САД повторно во сила стапи финансиска блокада на владините институции ( таканаречен „шатдаун“), откако вчеравечер по локално време републиканскиот сенатор Ранд Пол, со долго обраќање оневозможи брзо гласање за предлог-законот за преодниот буџет за кој компромис постигнаа Републиканската и Демократската партија. Протестот на Пол го принуди Конгресот да го пропушти рокот за усвојување на мерките за финансирање на федералните институции.

Сенатот сепак на крајот доцна во ноќта го усвои нацрт-буџетот со 78 гласови за и 21 против, надминувајќи го со тоа противењето на републиканските фискални конзервативци, меѓу нив и Ранд Пол, кои тврдат дека новиот предлог-буџет претставува враќање кон неконтролираното трошење и создавање на голем јавен дефицит, како во времето на администрацијата на претседателот Барак Обама.

Шестнеделен преоден буџет

Сега е потребно за предлог-буџетот да гласа уште и Претставничкиот дом на Конгресот. Гласањето е закажанон за раните утрински часови. Дури потоа претседателот Доналд Трамп може да го потпише законот.

Лидерите на републиканците и на демократите во Сенатот претходно постигнаа компромис за буџетот. Гласањето во Сенатот всушност важеше за сигурно. Во Претставничкиот дом гласањето важи за не толку сигурно бидејќи отпор против компромисното решение има како во редовите на републиканците, така и на демократите.

Компромисот предвидува, како прв чекор да биде усвоен шестнеделен преоден буџет. Со тоа треба да се обезбеди време во закон да се формулира договорот за двегодишниот буџет и тој да биде усвоен во двата дома на Конгресот.

Извор: Дојче Веле


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top