Извештај на Светска банка раст на економијата од 1,5% во 2017 година

Приоритет за Македонија е фискалната консолидација, бидејќи политичката криза ја изеде економијата, е пораката на Светска Банка во полугодишниот економски извештај за земјите од Западен Балкан..

Светска Банка проектира економскиот раст на Македонија до крајот на годинава да изнесува 1,5 проценти од БДП, а во наредните две години, поради политичката стабилизација, економијата да закрепне и во просек да порасне за 3,5 проценти. Главен двигател на растот се очекува да биде приватната потрошувачка, како резултат на се поголемата вработеност, како и зголемувањето на инвестиците поврзани со изградбата на двата автопата.

„Вака постојаната структура остава малку простор за тие капитални инвестиции кои доаѓаат под буџетот и ако очекуваме растот да се забрза во наредниот период, треба да дојде до промена на оваа структура “ - вели Бојан Шимбак, економист во СБ.

Фискалниот дефицит се очекува постепено да се намали на 2,2 процента до 2019 година за што Владата треба да  почне реформи за зголемување на наплатата на даноците, намалување на трошењето и зголемување на ефикасноста на социјалните трошења. Светска Банка и препорачува на Владата да ги ревидира вработувањата од проектот Македонија вработува зашто работодавачите за нив не плаќаат придонеси што создава притисок врз Пензискиот фонд и Фондот за здравствено осигурување. Светска Банка прави анализа која ќе помогне да се намали зависноста на ПИОМ од централната власт. Дали ќе се даде препорака за зголемување на старосната граница за одење во пензија, од Светска Банка велат дека анализите се во тек.

„Во минатото имавме последно зголемување на пензиите на годишно нивно во години каде имаме негативни инфлација и првата препорака е владата ги одложи тие ад хок зголемувања.“ - вели Шимбак.

Светска Банка бележи зголемување на извозот од домашните компании, а не од зоните, што е за поздравување.

Економистите очекуваат Македонија рационално да ги дели субвенциите, особено во земјоделството и да внимава со трупањето на неплатените обврски.

Иако во извештајот стои дека изгледите на економскиот раст се позитивни за сите земји од Западен Балкан, ризиците сепак остануваат поради несигурноста на јавните политики.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top