Известувањето за имунитетот на пратениците пристигна во Кривичен

Неофицијално, се очекува распитот на пратениците да биде утре, од судот велат дека се создадени условите за постапување по барањето на обвинителството.

Писменото известување дека на шестмината пратеници осомничени за настаните во Собранието од 27 април пристигнало во Основниот суд Скопје 1, потврдија од судот, но кога ќе биде распитот на пратениците нема официјална потврда.

- Известувањето од Собранието на Република Македонија поврзано со барањето на судот околу имунитетот на пратениците за кои е поднесен предлог од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е пристигнат во Основниот суд Скопје 1 – Скопје и истото е доставено на надлежните судии на претходна постапка, со што се создадени услови да се постапува во предлогот на обвинителството – велат од судот.

Неофицијално, распитот се очекува да биде утре, но од Кривичен не потврдуваат. Како што велат од таму, тие ги известуваат само странките, а јавноста ја информираат кога ќе биде донесено решението какви мерки ќе изрече судијата за пратениците.

- Судиите на претходна постапка кои постапуваат по предлогот ги известуваат странките во конкретната постапка кога истите ќе бидат повикани да се произнесат во однос на предлогот, а по донесено решение од страна на судиите, јавноста ќе биде навремено известена – одговорија од судот.

Пратениците Крсто Муковски, Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љубен Аранудов и Љупчо Димовски се меѓу 36-те лица кои обвинителството ги сомничи за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР), велат дека сè уште се недостапни шест лица од вкупиот број осомничени, но нивниот идентитет официјално не се соопштува.

Во меѓувреме во јавноста излезе информација дека е недостапен пратеникот Љупчо Димовски, но тој денеска во изјава за Дојче веле демантираше.

- Покана од Судот не сум добил. Ниту од некого бегам, ниту од некого се кријам, затоа што немам никаква потреба за тоа. Не ми преостанува ништо друго, освен самиот да се јавам за да го дадам мојот исказ – изјавил Димовски.

Неговиот и имунитетот на останатите пет пратеници „падна“ во петокот кога на пленарна седница во Собранието, во отсуство на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците од владејачкото мозинство поддржани од опозициските ДПА и БЕСА изгласаа симнување на имунитетот на нивните колеги.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top