Јакимовски се сомничи за проневера при легализација на државно земјиште

Тој утринава е приведен и изнесен пред судија на претходна постапка. Обвинителството бара притвор за него и за уште двајца вработени во општинската администрација..

Поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, се товари за злоупотреба на службената положба во новата истрага на Основното јавно обвинителство. 

Освен тројцата приведени, уште шестмина осомничените денеска треба да се појават на распит. Според неофицијални информации се работи за бизнисмени од градежниот сектор.

Според првичните сознанија Јакимовски и осомничените се товарат за легализација на државно земјиште, кое подоцна било откупено по драстично пониска цена. Како што пишува „Телма“ првичната оценка на одделот за организиран криминал е дека со злоупотреба на положбата се проневерени еден милион евра, а тоа е разликата меѓу реалната цена и продажбата преку процесот на легализација.

Инаку, Јакимовски беше приведен и лани летото во истрага на финансиската полиција поради сомненија за злоупотреба на службена должност во времето додека бил градоначалник на Карпош, а му беа определени мерки на претпазливост односно одземање на пасош.

Инаку, тој е осомничен и во истрагата „Хармонија“ на СЈО, заедно со Никола Груевски и Миле Јанакиески.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top