Јанева се уште не е повикана да даде исказ во ЈО

И покрај информациите во јавноста, специјалната обвинителка Катица Јанева се уште не е формално повикана од Јавното обвинителство да даде изјава за случајот Рекет. Се чекаат исказите на други лица..

Иако медиуми шпекулираа дека Катица Јанева ќе биде прва повикана на распит во Обвинителството, засега од Обвинителството нема официјална потврда за тоа. Тоа води кон претпоставка дека нејзиниот исказ ќе уследи откако претходно ќе дадат искази сите други лица кои Обвинителството ќе ги повика во интерес на истрагата.

Утре, прва исказ ќе даде обвинителката Лиле Стефанова,  која треба да сведочи што се случувало со предметот „Империја" кој таа го води. Таа во јавноста веќе соопшти одредени детали околу осцилациите со постапките во тој предмет, кои наводно настанале исклучиво со наредби на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Стефанова, деновиве, преку пишана изјава објавена на страницата на СЈО, директно ја обвини Јанева дека влијаела на истрагата за предметот „Империја“, на тој начин што најпрво инсистирала да се ослободат од притвор осомничените, а потоа предлагала и престанок на истрагата, доколку тие се согласат да ја платат штетата што ја предизвикале.

Според Стефанова, во декември 2018 година, Јанева без нејзина согласност одлучила да им ја укине мерката притвор на осомничените со случајот „Империја“. Во март 2019, продолжува Стефанова, таа повторно не се согласила со Јанева да му се даде патна исправа на Панделески. Подоцна, Јанева донела одлука да му се врати пасошот и на Камчев, додека Стефанова била на одмор.

Конечно, на 16 април 2019 година, тврди Стефанова, на состанок во канцеларијата на Катица Јанева, шефицата на СЈО побарала „да и се достават писмени извештаи за штетата во двата предмети кои осомничените треба да ја платат на државата, по што предметите ‘да бидат тука затворени' и осомничените ‘да не одат во затвор'".
Во дел од досегашните снимки што ги објави „Ла верита“ се потврдуваат наводите на Стефанова, дека таа не одлучувала, и дека контролата врз предметот ја имал друг.

Во една од снимките објавени во саботата, се слуша гласот на Јанева која им објаснува на Бојан Јовановски и Јордан Камчев дека „е многу ангажирана“ и затоа „не ја држи под контрола Стефанова“. „Инаку без мене таа не може ништо“, вели гласот на Јанева.

Во меѓувреме, Јанева излезе со ново објаснување во кое тврди дека „преговарала со лицето О.К. да стане соработник-сведок“ во нова предистрага која ја водело СЈО.

Извор: Дојче Веле


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top