Јанкулоска: Ни на крај памет не ми е д бегам

Гордана Јанкулоска се уште е на неколку чекори до Министерството за внатрешни. Не го напуштила домот во кој се всели кога беше министерка за внатрешни и одеше пеш на работа..

„Нема да побегнам и да си го оставам семејството“ порача Јанкулоска во телефонски разговор за ТВ24

„Блокиран е секој пристап до зградата и ги претресуваат сите коли што минуваат. Јас од прозор гледам, вчера бев до суд, денеска сме дома. Немам намера да одам никаде, тука ми е детето и семејството“ вели таа.

Од Министерството со кое до пред 5 години раководеше Јанкулоска, не прецизираат дали полицијата е актуивирана во надзор на нејзината зграда. Само велат мерките биле стандардни.

„Преземаме стандардни полициски оперативни мерки и активности, а се уште од судот немаме добиено никаква наредба за спроведување на Гордана Јанкулоска. Кога ќе добиеме наредба, ќе постапиме“ - велат од МВР.

Врховниот суд пред два дена одлучи Јанкулоска да оди 4 години во затвор поради случајот „Тенк“, затоа што преку МВР го набавила блиндираниот мерцедес. Одлуката беше соопштена вчера. А кога Јанкулоска ќе ја помине затвоската капија, засега не се знае. 

Датумот за да се појави во затвор Јанкулоска ќе го добие кога пресудата писмено ќе стигне во раце на судија за извршување санкции. Не коментира дали и од тој судија ќе бара одложување на извесен период заради извршување на обврски. Таква ситуација во овој случај „Тенк“ имаше кога Никола Груевски бараше одложување на двегодишната  казна поради пратеничките обврски, но и докторатот. 

Додека Јанкулоска брои денови до отпочнување на затворската казна, Груевски ужива во слободата на политички азилант во Унгарија. Тој пред две години го искористи периодот на чекање на упатниот акт да побегне и за тоа бегство никој не одговараше. 

Во одбрана на Јанкулоска вчера застана опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски кој порача дека нема дело. Поддршка испратија и Наќе Чулев и началникот на СВР во техничка Влада, Ристо Ставрески. 

Јанкулоска како поранешна министерка за внатрешни е обвинета и во случајот со масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, и најобемниот за изборни нерегуларности „Титаник“. И двата се во доказна постапка во Кривичниот суд.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top