Јавниот обвинител и натаму тајна политичка монета за поткусурување

На само четири месеци откако стапи на сила новиот закон за Јавно обвинителство, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара Заев да го исполни ветувањето дека опозицијата ќе го именува државниот обвинител..

Експертите не се согласуваат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој бара државниот јавен обвинител да го предлага опозицијата, затоа што тврдат дека со тоа се нарушува независноста на судската власт и сметаат дека тој треба да биде предложен од Советот на јавни обвинители.

Според најновиот Закон за Јавно обвинителство, исто како и во претходниот закон, обвинителот го предлага Владата, а го изгласува Собранието, што во времето кога се договараше Законот предизвика серија полемики помеѓу власта и опозицијата. Тоа беше една од причините поради која пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа во двотретинското мнозинство за неговото изгласување. Законот беше донесен во февруари, стапи на сила на 30 јуни, а завчера на протест Мицкоски побара да биде изменет.

– Судството и обвинителството се инструменти на мафијата, клекнати на колена. Како прво, бараме овие мафијаши да си го исполнат ветувањето и да дадат можност опозицијата да предложи независен и непристрасен  јавен обвинител, кој ќе го исече од корен криминалот, почнувајќи од првото дело, па до последното. Без разлика на политичката припадност. Ова не би требало да биде пречка за Зоран Заев, зашто истото го предлагаше пред да дојде на власт – рече завчера Мицкоски.

Државниот обвинител да го избираат обвинителите

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека е против која било политичка партија да избира јавен обвинител, без разлика дали е од власта или од опозицијата.

– Правосудската власт е трета, самостојна и независна власт во Македонија и недозволиво е политичките партии да се мешаат на кој било начин во изборот на државниот обвинител, а тоа се случуваше кај нас во изминативе децении и затоа состојбата во правосудството е таква каква што е. Секое мешање на политиката во судството е можност да се употреби тој моќен апарат за политички или за партиски цели. Потребно е обвинителот да го избира самостојно и независно тело, какво што и има предвидено во законот и постои, но во практика тоа тело не е квалитетно, не е кадровски подготвено да одолее на разни политички влијанија или притисоци. Тоа тело е Советот на јавни обвинители, во кое треба да членуваат најискусните и најспособните обвинители и тие треба да го избираат државниот обвинител, според однапред утврдени критериуми за стручност, етичност, број на решени предмети итн., а не според национален или етнички клуч, најмалку по партиски. Кандидатот за обвинител мора до Советот да предложи своја програма за работа, чиј квалитет треба да биде битен критериум за избор – вели Давидовиќ за „Слободен печат“.

И во граѓанскиот сектор го делат мислењето на стручната фела. Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека ниту власта ниту опозицијата, туку Советот на обвинители треба да го именува Јавниот обвинител на Македонија.

Во врска со неповолниот политички момент за опозицијата да бара измени во ваков закон што се носи со двотретинско мнозинство, адвокатот Давидовиќ вели дека „политички момент за ваков закон не треба ни да постои“.

– Партиите си ги создаваат тие моменти за свои потреби, а тоа е срамно, како што беше срамно и тоа што двајца партиски лидери или нивни претставници цела зима се договараа на средби и донесоа Закон за јавно обвинителство, практично во четири очи – вели Давидовиќ.

Што и зошто ветува Мицкоски?

Лидерот на опозицијата од завчерашниот „Протест против неправдите“ вети отворање предмети, но не објасни кога и како тоа ќе се случи, со оглед дека власта штотуку го почна мандатот и го ветува речиси истото.

– Сите предмети што се познати во јавноста каде што е почувствувана неправда, притисок, уцена и реваншизам, каде што правдата не е заштитена, сите предмети за криминал за кои власта сега молчи ќе бидат отворени и предмет на ревизија, а еднакво ќе биде предмет на анализа и зошто не се постапувало, а требало да се постапува. Не може да владее правото, ако не се открие по чиј налог беа незаконско прислушувани илјадници сограѓани. Не може да има владеење на правото ако не се открие кој и зошто ги полнеше кутиите на референдумот, ако не се открие кој ги слушаше обвинителите и судиите, ако не се откријат имињата на инволвирани во Рекет 1, Рекет 2, ако не се испита телефонот на Бојан Јовановски и така натаму – рече лидерот на опозицијата.

И покрај барањата на Мицкоски, извесно е дека до измени на Законот за ЈО нема да дојде, со оглед дека претходниот закон одвај беше донесен, а од Министерството за правда најавија дека реформите во правосудството ќе продолжат со измени во Кривичниот законик и на Законот за кривичната постапка. Министерот за правда Бојан Маричиќ завчера рече дека клучните реформи за евроинтеграциите се наоѓаат во ресорот правда, која е најголем приоритет и за власта и за граѓаните. Според министерот, ќе се работи на зголемување на ефикасноста, транспарентноста и етиката во постапувањето на судовите и обвинителствата, а тој ќе се фокусира на „владеењето на правото и на изградба на непристрасен, објективен и ефикасен правосуден систем“, со поддршка и партнерство на ЕУ.

Додека траеја преговорите за законот за ЈО, лидерот на СДСМ Зоран Заев предлагаше поранешната специјална обвинителка Катица Јанева да биде главен обвинител за гонење организиран криминал, а Мицкоски за државен обвинител го предлагаше судијата Владимир Панчевски. Сега Јанева е осудена на седум години затвор, а Панчевски на три и пол години затвор, двајцата за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Како се избира државниот јавен обвинител

Според најновиот закон за ЈО, Јавниот обвинител на Македонија го именува Собранието, по предлог на Владата, за време од шест години со право на повторно именување, а останатите обвинители ги избира Советот на јавни обвинители, без ограничување на траење на мандатот.

Прво, Собранието на предлог на Владата распишува оглас за именувањето на државниот обвинител најдоцна два месеца пред истекот на мандатот и во рок од 15 дена се пријавуваат кандидатите. Потоа Советот на јавни обвинители и доставува на Владата образложено позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати, а Владата доставува предлог за именување до Собранието од оние кандидати што добиле позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата кон предлогот се доставува и мислењето од Советот. Ако Советот на обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не може да утврди предлог за именување Јавен обвинител на Македонија и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот.

Извор: Слободен Печат


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top