Јеремиќ: Вучиќ води тајни преговори со Тачи и Харадинај, тајно отпатува во Њујорк

Претседателот на српската Народна партија Вук Јеремиќ изјави дека претседателот на Србија Александар Вучиќ со тајни преговори со косовските лидери Хашим Тачи и Рамуш Харадинај „неумешно се обидува да ја прелаже меѓународната заедница“.

„Како рок за решавање на косовското прашање се спомнува почетокот на летото, и на Вучиќ сега му е потребно што било за да може да го искористи како „смоквин лист“. Вучиќ во вторникот беше во Париз на тајна вечера со Хашим Тачи, а во денес тајно отпатува во Њујорк, за што српската јавност не е информирана. Со Харадинај исто така преговара преку близок посредник од своето опкружување“, изјави Јеремиќ за српската телевизија Фејс.

Јеремиќ, кој е поранешен министер за надворешни работи на Србија, кажа дека Вучиќ му предложил на Западот „генијална идеја“ за размена на југот на Србија за северот на Косово, но бил одбиен, бидејќи одамна ветил потпишување сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина кој на Косово би му овозможил прием во ОН.

Тој кажа и дека Вучиќ, Тачи и Харадинај „се луѓе од ист ков, со тон путер на главата“, на кои заеднички интерес им е одложување на решението за Косово.

„Но, кога би го решиле прашањето на Косово, не би му биле повеќе потребни на Западот и се плашат дека набрзо потоа повеќе не би биле на слобода. На меѓународната заедница во овој момент ѝ одговараат уценети луѓе со багаж, како Тачи, Вучиќ и Харадинај“, кажа Јеремиќ.

Тој наведе дека во такви околности Вучиќ панично бара да добие „што било“ за потпишување сеопфатен договор, бидејќи шест години „тргувал со српските интереси на Косово за да ја зацврсти својата брутална диктаторска власт“ и исполнувал апсолутно сѐ што било побарано од него, без условување и албанската страна да го спроведе договореното.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top