Јунајтед сака да го врати играчот на ПСЖ назад во Премиер лигата

Според информациите на француски „Le10 Sport“ Манчестер Јунајтед е заинтересиран за играчот за врска на ПСЖ Идриса Гај..

Сенегалецот минатото лето ја напушти Премиер лигата и од Евертон се пресели на „Паркот на принцовите“ за околу 30 милиони евра, но во француската престолнина го пречека силна конкуренција во Андер Ерера и Леандро Паредес.

Играчот за врска се наметна како прв избор на Томас Тухел во првиот дел од сезоната, но и покрај тоа, тој би можел да го напушти клубот ова лето, а Јунајтед се распрашувал за услугите на 30-годишниот Гај, кој играше одлично во дресот на Евертон, а претходно и во Астон Вила.

Сепак, тој не се вклопува во профилот на играчи кои Манчестер Јунајтед во овој момент ги бара, со оглед на тоа дека во септември ќе наполни 31 година.

Самиот фудбалер истакна дека во светот на фудбалот никогаш не се знае, но дека има силен договор со ПСЖ и дека често е во контакт со спортскиот директор Леонардо, како и дека не постои приказна за негово заминување од клубот.

Останува да се види дали Манчестер Јунајтед е подготвен да го промени тоа, со цел да ја засили конкуренцијата во средниот ред, која се чини дека е и сега мошне силна.

Солскјер од играчи за врска на располагање ги има Матиќ, Погба, Бруно Фернандес, Фред, Мектоминеј, Лингард, Андреас Переира, иако Англичанецот и Бразилецот би можеле да ја променат својата средина ова лето.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top