Јужна Кореја испука предупредувачки истрели кон руски борбени авиони

Јужнокорејски борбени авиони денес испалија неколку предупредувачки истрели на руски воени авиони откако влегле во јужнокорејскиот воздушен простор, рекоа јужнокорејски официјални претставници од Министерството за одбрана..

Во соопштението се вели дека руските авиони утринава двапати ги прекршиле меѓународните правила влегувајќи во јужнокорејскиот воздушен простор на источното крајбрежје на земјата, јави Си-ен-ен.

Јужнокорејската војска тврди дека го прелетале островот на кој право полагаат и Јужна Кореја и Јапонија, најпрво во 9:09 часот по локално време, а потоа и во 9:33 часот, во растојание од неколку минути.

Јужна Кореја одговори со испалување на неколку предупредувачки истрели од своите борбени авиони Ф-15Ф и КФ-16, користејќи оружје од 20мм.

Јужнокорејското Министерство за одбрана тврди дека ова е првпат руски борбен авион илегално да влезе во јужнокорејскиот воздушен простор.

Во вториот денешен инцидент два кинески авиони неовластено влегле во просторот на Корејската воздушна одбранбена идентификациска зона (КАДИЗ).

Кинеските воени авиони влегле во јужнокорејскиот воздушен простор прво самостојно, а потоа и со руски авиони, рекоа официјални лица.

Воздушниот простор се дефинира како простор од 3,7 километри од границата на некоја држава и како таков во целост паѓа под нејзина контрола. Од друга страна, Воздушна одбранбена идентификациска зона (АДИЗ) е област во која државата има право да побара идентификација, локација и контрола на правецот на летот на авионот, но по меѓународно право нема нужно право активно воено да се ангажира.

КАДИЗ на Јужна Кореја е основана во 1950 година и последен пат е изменета во 2013 година.

Два кинески авиони влегле во КАДИЗ во 6:44 часот по локално време и потоа повторно во 7:49 каде што се сретнале со руски авиони. Четирите авиони влегле во КАДИЗ заедно во 8:40 часот и таму останале 24 минути.

Станува збор за невообичаен инцидент, бидејќи Русија и Јужна Кореја ретко доаѓаат во конфликт и покрај военото ривалство на просторот на источна Азија.

На неодамнешниот самит на Г20 во Осака, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Јужна Кореја се вбројува меѓу главните руски партнери во Азија, при што се пофалени односите меѓу двете земји.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top