Како Борис Џонсон ќе ја води Британија од самоизолација?

Британскиот премиер Борис Џонсон соопшти дека е позитивен на коронавирусот и дека се наоѓа во самоизолација, инсистирајќи дека и во таквата ситуација ќе продолжи да ја води земјата..

Во видео-снимката објавена на неговиот профил на Твитер тој најави дека тоа ќе го прави од својата резиденција во Даунинг стрит 11, која се наоѓа веднаш до седиштето на премиерот во бројот 10 во истата улица.

Џонсоновата резиденција е всушност скромен стан кој лесно може да се изолира од неговата канцеларија, а владиниот портпарол изјави дека вратата меѓу двата објекти ќе остане затворена додека Џонсон е во самоизолација.

Сѐ што му е потребно на Џонсон – од официјалните документи до храната и пијалаците – ќе му биде оставано пред вратата, но, колку што е возожно, и тоа ниво на контакт ќе биде сведено на минимум, пренесува Си-ен-ен.

Состаноците ќе се одржуваат преку видео-конференции, што не е необично бидејќи некои од најважните редовни состаноци Џонсон веќе некое време не ги одржува во директен контакт.

На пример, состаноците на владата во последно време се одржуваат виртуелно, а портпаролот на Џонсон потврди дека традиционалните неделни аудиенции кај кралицата пред најмалку две недели биле заменети со телефонски разговори.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top