Како да се објасни бумот на биткоинот?

Дигитално злато. Нова тулипоманија. Виртуелна валута. Како и да го нарекувате, биткоинот е во подем.

На 27 ноември цената на само еден биткоин за првпат надмина 10 000 долари – помалку од два месеци откако првиот пат ја надмина цената од 5 000 долари. На почетокот од месецов со него се тргуваше за околу 14 000 долари.

Цената на биткоинот е надувана зашто многу купувачи помислија дека најдоа инвестиција која, на долги патеки, може да се натпреварува дури и со златото, во смисла на чување пари кои се надвор од контрола на компаниите и владите. Трговијата особено тргна во Јужна Кореја и Јапонија. Сеул сега има вистински продавници во кои и помалку технички поткованите луѓе можат да го купуваат и продаваат биткоинот.

Цената која го достигнува небото на виделина ги изнесе и скептиците, од Џејми Дајмон, генералниот директор на ЏП Морган Чејс, до Ворен Бафет, кои сето ова го нарекуваа измама, балон или пирамидална измама.

На некој начин незадржливиот раст го потврди нивниот став, зашто сè повеќе изгледа дека ова е инвестиција која не е премногу вкоренета во реалниот свет. Но, секогаш кога ќе се појават скептици, инвеститорите ќе ги засенат со купување сè повеќе и повеќе биткоини по сè поголема цена.

Поклониците на биткоинот велат дека сме сведоци на создавање на еден нов класен имот, кој би можел да се натпреварува со акциите и физичките добра во инвестициското портфолио на обичните луѓе.

Но, дури и загрижените фанови се шокирани од растот на цената во последните неколку месеци. Или, како што напиша некој во еден мошне популарен коментар на социјалната мрежа Reddit: „Во моментов ова е и официјално лудило.“

Во целата приказна се испреплетени и хеџ фондовите, кои се обидуваат да добијат дел од профитот. Повеќе од стотина хеџ фондови инвестираат исклучиво во биткоинот и другите виртуелни валути.

Трговијата се одвива молскавично без никаков регулаторен план, транспарентност или надгледување. Тоа ги поткрепува стравовите дека проблемот на една берза би можел да внесе паника кај сите останати.

Големиот подем во цената на биткоинот кон крајот на 2013 година беше запрен кога се утврди дека најголемата берза во тоа време, Мт. Гокс, воопшто не поседува биткоини за кои тврдеше дека ги има. Тоа доведе до тригодишен застој на цената.

Но, постепено вредноста се враќаше на старо, а сега го надмина и тоа. Екосистемот на биткоинот сега е пораширен низ светот, и не се заснова на давање доверба во само една компанија, како што беше случај со Мт. Гокс, која колабираше пред три години. Во тоа време, на Мт. Гокс се одвиваа 75 проценти од сите тргувања со биткоинот, а сега најголемите берзи имаат вкупно околу 10 проценти.

Биткоините се чуваат и со нив се тргува на децентрализирана компјутерска мрежа која не е под никаква контрола на некоја влада или компанија. Тоа беше особено атрактивно за луѓето во државите како што се Кина и Зимбабве, во кои не е невообичаено владата да ви ги замрзне или одземе банкарските сметки и имотот. Биткоинот успеа да остане непропустлив и за контролата на владите и за хакерите речиси една деценија.

Исто така, биткоинот е мошне популарен како средство за плаќање во трговијата со илегални дроги онлајн, зашто својот биткоин паричник можете да го отворите без давање каква било лична информација. Но, тој сега се соочува со ривали кои тврдат дека нивните виртуелни валути нудат дури и поголема приватност.

Оваа година дури се чинеше дека Етериум, втора по популарност виртуелна валута, ќе го прескокне биткоинот според вредноста. Во тоа време, биткоинот беше обземен со интерна војна околу тоа како да се апдејтува софтверот и да се прошири мрежата. Во октомври, една страна се откажа од своите принципи и оттогаш цената тргна нагоре.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top