Како ќе заработуваат Хари и Меган по заминувањето од кралското семејство

Многу прашања остануваат отворени за иднината на принцот Хари и Меган по одлуката да не користат кралски титули и да не добиваат пари за извршување на кралските должности.

Не е познато дали Меган сè уште има намера да земе британско државјанство – тоа ќе подразбира дека таа ќе мора извесно време да помине во Велика Британија за да стекне такво право.

Принцот Хари и Меган ќе треба да вратат 2,4 милиони фунти, колку што чинеше да се реновира резиденцијата Фрогмор, платено од парите на даночните обврзници. Оваа куќа во Виндзор ќе остане нивниот семеен дом во Велика Британија. Војводата и војвотката од Сасекс повеќе нема да користат кралски титули и нема да добијат пари од јавните средства за извршување на кралските должности, соопшти Бакингамската палата. Двојката веќе нема официјално да ја претставува кралицата, а новиот аранжман стапува на сила од оваа пролет, соопшти палатата.

Хари и Меган најавија дека нема да бидат „високи“ членови на кралското семејство на почетокот на овој месец.

Поранешниот портпарол на кралицата, Дикер Арбајтер проценува дека новиот договор го носи кралското семејство од криза во прифатлива ситуација.

„Ова е ситуација во која сите добиваат. Ова е најдобриот договор до којшто можеле да дојдат.
Ова е ситуација во којашто може да се функционира и ќе биде преиспитана повторно по една година, што укажува дека вратата сè уште е оставена подотворена“, вели тој.

Што ќе прават Меган и Хари?

Двојката не соопшти детали за тоа каква точно ќе биде нивната улога во иднина.Принцот Хари и Меган планираат да отворат добротворна организација што ќе работи на глобално ниво, но посебно внимание ќе им посвети на Америка и Африка.

Кога минатата година беа на нивната прва турнеја со нивниот син, Меган им рече на девојчињата во сиромашните делови на Јужна Африка дека сочувствувала со нив „и како обоена жена и како нивна сестра“.

И принцот Хари зборуваше за посебната љубов кон Африка, опишувајќи го континентот како „место во светот кадешто највеќе се чувствува како свој на свое“.

Парот веројатно ќе им помогне на женските организации како дел од нивната добротворна работа.

Како ќе заработуваат за живот?

Во моментов, правилата им забрануваат да „заработат за живеење на кој било начин“, но со остапувањето од функцијата на „високи“ членови на кралското семејство, тие би можеле да бидат вработени со полно работно време.

Дејвид Мекклер, автор на книгата за трошоците за живот на кралското семејство и како тие ги стекнуваат, вели дека тие веќе имаат пари и би можеле да заработат повеќе пари од телевизија во иднина.

Меган добивала 50 000 долари по епизода во ТВ сериијата „Suits“. Иако повеќе не работи како актерка, таа добива пари секогаш кога серијата се емитува.

Трошоците за живот за војводата и војвотката – како станарина, патување и облека – моментално ги плаќа таткото на Хари, бидејќи тие ја претставуваат кралицата. Принцот од Велс ги финансира синовите и нивните семејства со приходите од Војводството Корнвол.

Историчарот којшто се занимава со кралското семејство, Хуго Викерс изјави за Би-би-си дека не е убеден дека плановите на парот ќе бидат реализирани.

„Тие мислат дека можат да направат многу работи заедно, но многу е веројатно дека ако не се внимателни, може да завршат како јавни личности со неуспешни кариери“.

И понатаму се под заштита на вооружено обезбедување 

Хари и Меган се личности под „меѓународна заштита“, што значи дека мора да имаат вооружено обезбедување од лондонската полиција. Тие планираат да живеат на релација меѓу Северна Америка и Велика Британија.

Пред раѓањето на Арчи во април, тие се преселиле во нова куќа во Виндзор.Хари и Меган поминаа продолжен одмор во текот на Божиќните празници во канадската провинција Британска Колумбија.

Додека ја снимаше серијата „Suits“, Меган живееше во Торонто долго време и стекна пријатели таму. Семејството, исто така, веројатно ќе помине одредено време и во Калифорнија, каде Меган пораснала и кадешто живее нејзината мајка, Дорија Регленд. Нејзиниот татко, Томас Маркл, со кого Меган слабо комуницира, живее во Мексико.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top