Како можеше нов авион да се урне?

Авион на нискобуџетската индонезиска авиокомпанија „Лион ер“, со 190 патници и членови на екипажот, се урна рано утрово во морето, 13 минути по полетувањето од Џакарта за островот Пангкал Пинанг..

Сите патници загинаа, а според последните информации, од морето се извлечени 20 тела. Би-би-си објави дека големо внимание привлече фактот оти авионот „боинг 737 макс 8“ бил сосема нов. Ова е прв голем инцидент во кој е вклучен ваков авион.

Досега нема повеќе детали за несреќата и причината нема да биде потврдена сè додека не се спроведе целосна истрага.

Фото: ЕПА

Авионските несреќи често се резултат на комбинација од повеќе фактори – и технички и човечки – но дали фактот дека авионот бил толку нов играл некаква улога?

„Боинг 737 макс 8“ е во комерцијална употреба од 2017 година. Од „Лион ер“ во јули рекле дека се многу се гордеат што се прв авиопревозник во Индонезија што ќе го користи овој авион и дека нарачале дури 218 летала.

Авионот, кој се урна утрово, почнал да лета од 15 август и имал поминато само 800 часа летање, според шефот на Националната комисија за безбедност во сообраќајот, Соерјанто Тахиано.

Пилотот на авионот пред несреќата се јавил во контролата на летање во Џакарта и побарал дозвола да се врати назад кусо по полетувањето по што исчезнал од радарот. Се појавија и информации дека авионот имал технички проблеми во неделата на својот претпоследен лет.

Техничкиот дневник во кој се внесуваат податоци за време на летовите до кој дојде Би-би-си за тој лет од неделата, од аеродромот во Денпасар во Бали до Џакарта, укажува на тоа дека читањето на воздушните брзини на инструментот на капетанот е неверодостојно, а читањата на надморските височини се разликуваат од инструментите на капетанот и инструментите на првиот офицер, односно копилотот. Како резултат на проблемот капетанот му ја предал контролата врз авионот на првиот офицер и безбедно слетале во Џакарта.

„Лион ер“ не го потврди ваквиот извештај, но ова може да е неодредениот технички проблем на летот од Бали до Џакарта што го спомена главниот извршен директор на компанијата, Едвард Сирајт. Тој рече дека овој проблем бил решен според процедурата.

Тој додаде дека „Лион ер“ во моментот има 11 авиони од истиот модел и дека нема планови да ги приземји поради несреќата.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top