Како Путиновиот устав ќе ја смени Русија

На претпоследниот ден на целонеделното гласање за еден од најголемите проекти на 20-годишното владеење на Владимир Путин – промената на рускиот устав која му носи можност за кандидирање за уште два мандати во Кремљ.

„Гласаме не само за уставните промени“, кажа тој пред новооткриениот споменик на советските војници кои загинале во Втората светска војна. „Гласаме за земјата во која сакаме да живееме“.

Во триминутниот говор Путин двапати повторни дека промените ќе бидат валидни само ако мнозинството гласа за нив. Тој пропушти да ја спомне клаузулата која му овозможува да го заобиколи бројот на мандатите и потенцијално да остане претседател до 2036 година.

Говорот на 30 јуни беше првото од многуте неодамнешни телевизиски обраќања на Путин во кое целосно се фокусираше на уставните промени и можеби неговата последна прилика да ја зголеми излезноста пред последниот ден на гласањето на 1 јули. Гласањето кое критичарите го нападнаа како бесрамно грабање на власта го бојкотираше голем дел од опозицијата, додека промените уставните експертиги критикуваа како противречни.

„Уставните амандмани им служат на краткорочните политички цели на Путин“, вели Вилијам Померанц, експерт за руско право. „Изгледа дека придвижувачката сила е задржувањето на власта, наспроти некое далекусежно историско наследство“.

Туркајќи ја својата верзија на уставот, Путин – кој е на власт како претседател или премиер од 1999 година – следи друга традиција. Русија и СССР минаа низ седум устави во 20 век. Измените на основниот законски акт беа правени под советските лидери Владимир Ленин, Јосиф Сталин и Леонид Брежњев, и повторно под Борис Јелцин, првиот претседател на Русија по колапсот на Советскиот Сојуз во 1991.

„Со создавање на суштински нов устав тој ќе стане еден вид татко основач“, вели политикологот од Москва Екатерина Шулман за Путин, кој уште во 2018 година гордо истакнуваше дека никогаш не го менувал уставот.

Идеите внесени во Путиновата реформа на уставот, меѓутоа, претсавуваат конзервативен пресврт во однос на првиот постсоветски устав од 1993 година. Од почетокот на својот трет претседателски мандат во 2012 година, Путинс е прикажува како цврст бранител на, како што вика самиот, руските „традиционални вредности“, вклучувајќи противење на геј браковите, застапување на руските православни верувања и отфрлање на западниот либерализам и како политички модел и како општествена основа.

„Зачувување на неизвесноста“

Тие ставови се одразени во пакетот амандмани кои опфаќаат повеќе од 200 промени – од клаузули кои суштнски оневозможуваат легализација на истополовите бракови до одредба која ја обврзува Русија да се спротивстави на сите обиди за „фалсификување“ на нејзината историја. Верата во Бога ја чуваат како централна вредност која на денешните Руси им ја оставиле нивните претци и го креваат статусот на етничкото руско мнозинство со тоа што рускиот се означува како „јазик на државотворниот народ“ во, како што Путин самиот претходно истакнуваше, огромната мултиетничка земја со многу јазици, пишува РСЕ.

Тие и другите предложени промени беа истакнувани во неуморната кампања на државната телевизија и социјалните медиуми под контрола на Кремљ за промовирање на референдумот, од изразено хомофобни спотови до улични билборди со насмеани словенски двојки со деца и слогани за одбрана на „семејните вредности“.

„Приличен број идеи кои на крајот на 90-тите и почетокот на 2000-те изгледаа како маргинални и дури екстремистички, сега се официјално мејнстрим“, вели Шулман.

Освен одредувањето на конзервативниот курс на Русија, амандманите на Путин му пружаат прилика да продолжат нагаѓањата за неговите политички планови, додека истовремено му отвораат целосно директен пат за останување на власта кој инаку беше блокиран со постоечкиот устав. Промените му овозможуваат да се кандидира за уште два мандати, а ги ограничуваат овластувањата на неговиот евентуален наследник. Тие му даваат на Путин имунитет од кривично гонење кога ќе се повлече и му оставаат отворено место, ако тоа го сака, во неодамна реконструираниот Државен совет – тело кое може да биде обликувано со идни закони да му се зголеми влијанието.

„Идејата не беше да се создаде неизвеснот, туку да се одржи неизвесноста“, вели Шулман.

Како дојде до гласањето

Кремљ рано почна со процесот. Путин ги најави предложените уставни промени во говорот за состојбата на нацијата на 15 јануари. Додека амандманите минуваа низ парламентот, пратеничката и прва жена во вселената Валентина Терешкова на 10 март предложи, како што тоа беше наречено, „поништување“ – поставувајќи го бројот на досегашните мандати на Путин на нула, наместо на четири и овозможувајќи му да се кандидира уште двапати.

Уставниот суд брзо го поддржа легитимитетот на тој и на останатите амандмани, не оставајќи простор за расправа за нивната легалност.

Исто така има доста показатели дека гласањето е чиста формалност. Барем две недели пред почетокот на гласањето книжарниците низ Москва продаваа копии од рускиот устав со новите амандмани. А откако гласањето почна на 25 јуни, руските социјални медиуми беа преполни со фотографии од ад хок гласачки места во багажници на автомобили и паркирани автобуси, на трупци и клупи во парковите, на фудбалските терени и во шаторите. Обложувалниците им нудеа награди на сите што ќе гласаат.

Приказните за неспособноста и хаосот кои се појавија по почетокот на изјаснувањето открија сѐ повеќе показатели за, како што велат критичарите, очигледните дупки во гласачкиот процес.

Климавата правна основа на гласањето укажува на една таква дупка. Нарекувајќи го тоа „општонародно гласање“, Кремљ можеше да ги избегне строгите барања кои рускиот закон ги поставува за референдумите, вклучувајќи минимална излезност и други услови за заштита од измама и манипулации. Без правен преседан, владата можеше да ги избегне таквите ограничувања и да организира гласање што ѝ одговараше.

„Опцијата „општонародно гласање“ беше одбрана поради малкуте наметнати услови“, вели Бен Нобл, професор по руска политика на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

„Таквиот вид гласање не е спомнато во уставот од 1993 година, ниту има цврста основа во рускиот закон“.

Нејасна иднина?

Меѓутоа, отсуството на јасни правила, иако му овозможи на Кремљ да го обликува процесот и евентуално да го контролира исходот, на Путин ќе му отежне да ги прикаже резултатите од гласањето како израз на народната волја.

Путиновиот рејтинг постојано опаѓа од неговиот избор за четврти мандат во март 2018 година, под притисок на длабоко непопуларната пензиска реформа и падот на реалните заработки. За разлика од лидерите на другите земји погодени од коронакризата, Путин не го доживеа ефектот „собирање околу знамето“ откако пандемијата почна да се шири во земјата во март.

Наместо тоа, јавноста големи заслуги им препиша на регионалните лидери на кои Путин им ја делегираше работата на контролата на ширењето на епидемијата, откако претрпе критика што прво назначи дека Русија ќе ги избеге тешките последици на ковид-19 а потоа се повлече во официјалната резиденција надвор од Москва, на подолго, надвор од очите а јавноста.

Путиновата победа на гласањето би можела на крајот да се покаже како Пирова победа, вели Шулман, предвидувајќи дека тоа би можело да го забрза падот на неговата популарност. Дури иако многумина од почетокот сметаа дека тоа е однапред решена работа.

До утрото на 28 јуни, по четири дена гласање, а пред Путиновиот говор и главниот ден на гласањето, Централната изборна комисија соопшти дека излезноста е 37,2 отсто. Русинка која живее во Израел кажа дека можела три пати да гласа, во Тел Авив, Хаифа и преку интернет. На едно московско гласачко место, на еден човек му било кажано дека тој и целото негово семејство веќе гласале, иако тој тврдел дека никој од нив не гласал. Контролорката потоа му го одзела гласачкиот список, го затворила и му кажала на човекот: „Докажи!“

„Луѓето мислат дека тоа е де факто готово, дека сѐ е решено“, вели Шулман. „А тоа е една од најефикасните алатки на владеењето – да се наведат луѓето да мислат дека ништо не можат да сменат“.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top