Каков јавен обвинител сака Мицковски – независен или послушен?

Покрај другото, независно обвинителство значи и продолжување на предметите и процесите креирани во СЈО во кои кривично се гонат актуелни и поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ..

Значи, ако Христијан Мицкоски навистина сака независни јавни обвинителства, ќе гласа за Законот за јавно обвинителство и ќе овозможи правосудните органи соодветно да ги казнат сите оние за кои има
докази, а ги има многу. Но, со оглед дека ВМРО ДПМНЕ упорно се противи на законот, а со тоа и на можноста да се процесуираат делата произлезени од нелегално прислушуваните материјали, јасно е дека Мицкоски не сака независни обвинителски институции, а уште помалку професионален и кредибилен државен обвинител.

Во еден фејсбук статус, Мицкоски го обвинуваше обвинителството дека е чувар на криминалот на актуелната власт. Ако актуелниот обвинител е извршител на власта, тогаш Мицкоски не смее да ја пропушти шансата да го изгласа новиот закон и со тоа да помогне во создавањето на независна институција која нема да штити ничиј криминал. Истовремено во ВМРО ДПМНЕ јавно зборуваат дека
посакуваат независно обвинителство, но не се откажуваат ниту од идејата обвинителот да го предлагаат партиите од опозицијата, што во пракса никако нема да значи независност.

Тука се отвора прашањето дали може да зборуваме за независно правосудство ако обвинителот се избира по предлог на партиите и дали тоа ќе промени нешто од сегашниот модел? Речиси ништо. Одново се ризикува обвинителот да биде некаков партиски послушник со што независноста повторно ќе биде загрозена. А, ако не постои независност на обвинителството ништо не гарантира дека досиејата
на СЈО ќе имаат пресуди, она што потајно го посакува Мицкоски, а со што би ја исполнил агендата на својот партиски мандат- да ги спаси сите криминалци на партијата.

Деновиве СДСМ е гласен во врска со законот и постојано ја повикува опозицијата да се освести и, конечно, да започне да делува државнички наместо деструктивно. Со оглед дека странските дипломати се заинтересирани и притискаат за законот, несомнено дека тој е значаен во процесот на евроинтегрирањето, но тоа не е приоритет и за ВМРО ДПМНЕ. СДСМ ја повторува реченицата дека политиката мора да остане надвор од изборот на обвинителите, со што порачува дека мора да се промени начинот на избор и предлагање на обвинителите. И ова е релевантно да биде коментирано како прв обид кон независно судство.

Но, дали Мицкоски и натаму ќе остане на ставот дека декларативно се залага за независно обвинителство, а при тоа подобро би му било кога опозицијата би го избирала? Пред неколку месеци на едно ТВ интервју, тој конкретно беше прашан да даде свој предлог за државен обвинител. Тој зборуваше за човек со репутација, кредибилитет, кој што е репрезент на фелата, а тоа за него бил Владимир Панчевски.

Дали Мицкоски и натаму е на истиот предлог? – Оти Панчевски како предлог е во најмала рака контроверзен и прашање е дали воопшто може да биде независен. Да потсетиме дека против поранешниот судија Панчевски се води судски предмет за манипулации со АКМИС системот за распределба на предмети, односно одредени досиеја завршувале кај судии по негов избор. Судењето никако да започне за да се утврди дали и како ги местел предметите. Тој беше разрешен од судија од страна на Судскиот совет, а Панчевски обвинуваше дека тоа е направено без почитување на процедурата.

Сепак, предлогот на Мицкоски е недостоен, прво затоа што сепак е разрешен судија за несовесно постапување, а потоа и обвинет за службена злоупотреба. Но, поважно е тоа дека со предлагање на Панчевски воопшто не се предлага независна личност. На крајот, колку и да го сметаат за голем правник во ВМРО ДПМНЕ, сепак поранешниот судија е далеку од вистински избор, пред се затоа што од таа позиција ќе мора да ги продолжи предметите на СЈО, што е тешко за очекување ако се знае остриот став на Панчевски против тоа обвинителство и против предметите кои се отворени.

Значи, Мицкоски зборува за независно обвиниелство, но зборува и за кадри кои немаат предиспозиции да бидат независни. Дури и јавните објави на Панчевски се на линија со ВМРО ДПМНЕ, особено оние
со патриотски тон, а во последно време за македонската историја и држава дебатира на кафе со Мирка Велиновска и Миленко Неделковски, шерува текстови на Александар Пандов и сличните нему. Дали ова значи независниот предлог на Мицкоски?

На крајот, дали ВМРО-ДПМНЕ инсистира опозициската партија да го предлага јавниот обвинител, затоа што е сигурна дека ќе ги загуби изборите и дека ќе остане во опозиција, па да може да продолжи со матење на водата во судството, особено со предметите на СЈО.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top