Калајџиев: Очигледно е дека Рекет се развлекува и има поддршка од политички структури

Власта покажа дека не е подготвена да се соочи со големи афери и инциденти каков што е случајот „Рекет“, вели професорот по кривично право од Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев во емисијата „Детектор“ на ТВ Сител..

„Гледаме дека случајот се развлекува, опфаќа само некои од инволвираните иако е очигледно дека има поддршка во политичките структури, ние не знаеме до каде тоа би одело, бидејќи тоа е очигледно и од самиот имиџ на учесниците во постапката и на тоа како тие се користеле позадински со влијанијата со кои што се користеле. За жал постапката трае долго и имаме една недовршена истрага која кај јавноста остава сериозни сомневања дека системот и натаму е политизиран, селективен и не е подготвен да се соочи со расчистување на високиот криминал и корупција“ вели Калајџиев за Детектор.

Поранешниот пратеник Павле Богоевски вели дека се согласува дека Рекет е најголемата афера во последните неколку години и дека не оди во прилог на зголемување на довербата на граѓаните во институциите. Богоевски смета дека случајот „Рекет“, во делот за противправното влијание е чист и дека тоа е заокружено. Според него, треба дополнително да се истражат сомневањата за перење пари и наводните измами со изградба на старечки домови. Сепак, вели дека е оптимист.

„Во овој момент јас немам причина да се сомневам дека се бараат сторителите. Истрагите за перење пари и истрагите на поголеми организирани криминални групи по својата природа траат подолго. Иако ја разбирам скепсата која што ја имаат граѓаните и професорот, во овој момент јас сакам да бидам оптимист и да верувам дека овие истраги ќе вродат со конкретен плод и ќе ги идентификуваат конкретните политичари и функционери кои што можеби биле инволвирани во таа криминална група. “ – вели Богоевски за Детектор

Во емисијата Детектор која ќе се емитува денеска по вестите во 16:00 на Сител, ќе биде објавено истражување на јавното мислење за аферата „Рекет“, СЈО и владеењето на правото.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top