Канал 5: „Република Горна Македонија“ со превод на англиски, јазикот македонски

Направен е клучниот пробив во преговорите за името, но се уште има технички детали кои оневозможуваат Заев и Ципрас да си подадат рака веќе во Софија, иако тие, според грчките медиуми, ќе имаат две средби таму – и утревечер и во четврток наутро..

Според информациите на Канал 5, конечниот договор се очекува да биде постигнат за еден месец, до средината на јуни. Еве, како хронолошки се очекува да се развиваат настаните..

Прво, на средбите Ципрас-Заев се очекува да биде потврден начелниот договор кој е резултат маратонските преговори минатите 4 месеци, заокружен во саботата во Сунио, како и да им се даде насока на министрите Коѕијас и Димитров за финализирање на последните елементи. Ова вчера го потврди и македонскиот премиер.

Доколку се оди според планот, во следните неколку недели, со посредство на Нимиц, ќе се дојде до финалната верзија на текстот.

Во неговата основа е спорот да се реши со потпишување на Меѓународен договор, по примерот на договорот со Бугарија. Ова треба да се случи пред Самитот на ЕУ, за земјава да го добие долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите..

Веднаш потоа, договорот треба да биде одобрен од двата парламенти и со тоа да се овозможи во јули Македонија да добие покана за членство во НАТО. Но, како што е познато, процесот не завршува тука.

Потоа следи период на ратификација на приемот од Парламентите на сите земји членки на Алијансата, вклучително и Грција.. Според информациите, тука е направен клучниот пробив – во договорот ќе има одредба која на директен начин ќе биде врзана со уставните измени, односно грчкиот парламент ќе дозволи приемот во НАТО да стане ефективен, откако ќе биде исполнет условот за употреба на името „ерга омнес“. Грчките медиуми неколку дена споменуваат рок од две години, но ова е една од работите кои останува да се додефинираат.

Како што е веќе познато, основата на решението ќе биде сложено име, најверојатно „Република Горна Македонија“, напишано одвоено и со превод на англиски. Тоа веднаш ќе биде меѓународно име на државата, запишано во Обединетите нации. По уставните измени, тоа ќе биде име за севкупна употреба. Графата за државјанство исто така ќе се потполнува со „Република Горна Македонија“.

Официјалниот јазик на државата ќе остане „македонски“, веројатно со објаснување дека станува збор за јазик од словенската група на јазици.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top