Каталонска криза: кои се сега опциите на Шпанија?

Референдумот за независност во Каталонија, се чини, го насочи регионот кон отцепување од Шпанија. Но дали тоа ќе се случи?.

7,5 милиони жители на Каталонија се остро поделени. За време на викендот во Барселона се одржа огромен митинг за единство, како соперник на многуте митинзи за независност што се случија во градот.

Би-би-си ги разгледува можните наредни потези во овој горчлив ќор-сокак.

Независност „на чекање“

Според каталонскиот закон - кој Шпанија не го признава - регионалниот парламент може да издаде формална декларација за независност на Каталонија во рок од два дена од објавувањето на резултатите од референдумот.

Конечните резултати од референдумот од 1 октомври во овој богат североисточен регион укажаа дека 90 отсто од 2,3 милиони луѓе гласале за независност, рекоа властите. Одѕивот изнесуваше 43%.

Имаше информации за нерегуларности во гласањето, па Шпанија го прогласи референдумот за незаконски.

Каталонскиот водач Карлес Пучдемон вчера му рече на парламентот дека Каталонија го стекнала своето право да биде независна, но пропушти унилатерално да прогласи независност.

Наместо тоа, тој побара од парламентот на Каталонија да го одложи стапувањето во сила на резултатите за да се овозможи независноста да се стекне преку преговори со властите во Мадрид.

Дали Шпанија планира да ја преземе контролата врз Каталонија?

Премиерот Маријано Рахој испрати уште 4.000 национални полицајци во Каталонија пред референдумот - кој шпанскиот Уставен суд го прогласи за нелегален. Тие ќе останат таму додека трае кризата.

Постои огромна горчина откако шпанската полиција им се втурна на обичните гласачи, ги удираше со пендреци и ги влечеше од гласачките места.

Сликите веројатно го нарушија имиџот на Шпанија на меѓународно ниво и ја зголемија поддршката за движењето за независност на Каталонија.

Тие, исто така, ја покажаа решеноста на Мадрид да остане цврсто против независноста на Каталонија. Затоа, не може да се исклучат понатамошни вакви акции.

Минатата недела еден судија во Мадрид ги „спржи“ шефот на каталонската полиција Хосеп Луис Траперо и двајца високи активисти за независност. Тие не беа обвинети, но Шпанија можеби ќе ги уапси лидерите за независност.

Каталонија има висок степен автономија од Шпанија. Но членот 155 од Уставот на Шпанија од 1978 година му дозволува на Мадрид да наметне директно владеење во време на криза.

Во такви околности, се вели дека шпанската влада „може да им даде инструкции на сите органи на самоуправните заедници“, како што се Каталонија, Баскија и Галиција - што значи директно владеење од Мадрид.

Членот 155 во демократска Шпанија никогаш не бил активиран според уставот донесен по Франко.

Сенатот на Шпанија - горниот дом на парламентот, контролиран од Конзервативната народна партија на Рахој - ќе биде тој што би му ја пренел на Мадрид власта врз Каталонија.

Професорот Карлос Видал, експерт по право на Универзитетот УНЕД во Мадрид, за весникот Ла разон изјави дека во рок од една недела Мадрид би можел да започне со преземање на власта од Каталонија. Но членот не предвидува целокупно поништување на каталонската автономија. А Уставот не наведува временска рамка за „привременото“ директно владеење.

Мадрид, исто така, може да одлучи да свика нови регионални избори, надевајќи се дека ќе ја спречи независноста на земјата.

Дали има простор за компромис?

Да. Каталонската независност во никој случај не е неизбежна.

Пучдемон и претходно бараше преговори - но досега Мадрид го одбиваше.

Тој, исто така, сака меѓународно посредување во кризата - а нема никаков знак за тоа, бидејќи Мадрид не сака. ЕУ - традиционално претпазлива во однос на сецесионистичките движења - смета дека кризата е внатрешно прашање за Шпанија.

Во практиката, за секој регион е многу тешко да постигне независност според меѓународното право. Косово го откри тоа, вели Би-би-си, иако имаше силни аргументи врз основа на човековите права.

Што друго може да направи Мадрид?

Шпанската влада сè уште може да направи гест со кој ќе ги смири каталонските сепаратисти, кои доминираат во каталонскиот парламент.

Движењето за независност беше поттикнато со одлуката на Уставниот суд на Шпанија во 2010 година, која многу Каталонци ја сметаа за понижување.

Оваа одлука поништи некои клучни делови од автономниот статус на Каталонија од 2006 година. Судот одби да ја признае Каталонија како нација во рамките на Шпанија; каталонскиот јазик не треба да има предност над шпанскиот во самиот регион; а мерките што ѝ даваат на Каталонија поголема финансиска автономија беа отфрлени.

Судот постапи како што партијата на Рахој побара од него. Сега, за да ја смири оваа криза, Мадрид може да се согласи да преговара и да ги врати елементите на автономија што ѝ беа одземени на Каталонија.

Мадрид, исто така, може да го промени Делот 92 од Уставот, за да дозволи одржување на правно обврзувачки референдум. Но тоа е малку веројатно, бидејќи таквата иницијатива би требало да дојде од шпанската влада и да биде поддржана од кралот.

Одржувањето нов каталонски референдум, исто така, ќе биде ризично за Мадрид, бидејќи неговата непопустливост во актуелната криза може да ја зајакнало каталонската кауза за независност.

Дали некаков економски притисок би ја натерал Каталонија да се повлече?

Сега ова е главен фактор. Мадрид има моќни економски предности, иако Каталонија е еден од најбогатите региони во Шпанија.

Банките Кајша и Сабадел, заедно со неколку комунални претпријатија, ги иселуваат своите седишта од Каталонија, а може по нив да тргнат и други, бидејќи Шпанија им го олесни процесот на заминување на претпријатијата.

Каталонија сочинува околу една петтина од економското производство на Шпанија. Но Каталонија, исто така, има натрупано огромен долг, па на шпанската влада ѝ должи 52 милијарди евра.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top