Катастрофата на Мурињо: Манчестер Јунајтед соборува негативни рекорди

Дали конкуренцијата е многу посилна од претходно или едноставно Манчестер Јунајтед е помалку квалитетен во однос на претходните години, проценете самите..

Сепак, бројките не лажат, Манчестер Јунајтед никогаш во последните 40 години немал послаба гол-разлика. Не само тоа, Манчестер Јунајтед во моментов е осми на табелата, заостануваат зад водечкиот Сити со 12 бода, а Мурињо продолжува да зборува дека статистиката е за оние кои не го разбираат фудбалот.

Последниот пораз за Манчестер Јунајтед следуваше во неделата од Манчестер Сити. Градскиот ривал славеше лесна победа со 3:1, беше далеку подобар тим на теренот и заслужено ги освои трите бода.

Познато е дека Мурињо својата тактика ја базира на одбраната, но она што е интересно е фактот дека Јунајтед прими 21 гол досега во сезоната. Манчестер Сити и Ливерпул, екипи кои важат за напаѓачки, примија само пет.

По 12 натпревари во сезоната, Манчестер Јунајтед има негативна гол-разлика (-1) по првпат во 40 години. Само на еден натпревар останаа без примен гол, а единствено Фулам во оваа статистичка категорија е послаб од Јунајтед, со оглед на тоа дека тие примија на секој меч досега.

Тоа не е се, Манчестер Јунајтед својата игра порано ја базираше на додавања кои одеа кон напред, кои беа брзи, но тоа сега не е случај бидејќи имаат проблем со поседот. По 12 минути од мечот против Сити имаа само пет успешни додавања, што е навистина смешно и за далеку послаби тимови од оние кои ги води Мурињо.

Јасно е дека нешто мора да се менува, дали Мурињо ќе си замине, или пак, раководството ќе му излезе во пресрет и конечно ќе му ангажира засилувања какви што посакува, останува да се види.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top