Катица Јанева со „лисици“ на раце

Со полициска придружба и лисици на рацете поранешната шефица на СЈО беше донесена во Обвинителството за организиран криминал..

Ексшефицата на СЈО и осомничена во случајот „Рекет“, Катица Јанева, со полициска придружба и лисици на рацете е донесена од затворот „Скопје“ во Обвинителството за организиран криминал. Таа ќе треба да даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска во својство на осомничена. Ова е вторпат како Јанева дава исказ за „Рекет“. Минатиот месец таа беше на распит во својство на лице од кое се собираат информации, а ден потоа беше уапсена во нејзиниот дом.

Адвокатката Ирена Фрчковска, која ја застапува Јанева, минатата недела изјави дека направиле увид во доказите што ги поседува обвинителката Вилма Русковска, но не во сите бидејќи ѝ биле презентирани селективно. Фрчковска во неколку наврати тврди дека нејзиниот клиент Јанева не е инволвирана во „Рекет“, а ниту Обвинителството ѝ презентирало докази за делото што ѝ се става на товар.

По вчерашниот распит на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, обвинителката Русковска преку соопштение извести дека истрагата е завршена, а тоа ќе ѝ биде кажано и на Јанева пред да го даде исказот.

Фрчковска како застапник на Јанева бараше да ѝ биде укинат притворот кој ѝ е изречен по три основи – опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото. Судија на претходна постапка ја одби гаранцијата на Јанева како неоснована. Ексшефицата на СЈО се сомничи за злоупотреба на положбата и овластувањата заради стекнување лична корист.

Според истрагата што ја води Русковска, Боки 13 заедно со Зоки Кичеец во два наврати зеле 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра со ветување дека преку ексшефицата на Катица Јанева ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството беа повикани бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз, Агапи Дика, и бизнисменот Зоран Азманов. Минатиот месец на распит кај Русковска беше и второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top