Керн: Референдумот ги погреба шансите на Турција да влезе во ЕУ

Она што се случи на референдумот ги „погреба“ изгледите на Турција за членство во Европската Унија, рече австрискиот канцелар Кристијан Керн..

„Влегуваме во нова ера“, им рече Керн на новинарите и додаде дека помошта на ЕУ за напредокот на Турција кон членството сега е „застарена“, пренесе Франс прес.

Керн, исто како и другите европски лидери, се заложи против какви било чекори за повторно воведување на смртната казна во Турција.

Канцеларот, преку Твитер, во првата реакција истакна дека „Ердогановото раскинување со европските основни вредности на демократијата и владеењето на правото не го поддржа половина Турција“.

И претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен, рече дека Турција со тесниот исход од референдумот во корист на „авторитарниот претседателски систем“ се оддалечува од демократските вредности и европските стандарди, со што сè повеќе се оддалечува од членството во ЕУ.

Тој во соопштение истакна дека сè повеќе се отежнува соработката меѓу ЕУ и Турција. Сепак, рече тој, треба да се биде трезен и да не се „треснува“ вратата, туку да се остане во дијалог со Турција.

Австрискиот министер за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Себастијан Курц, рече дека Турција на референдумот јасно се одлучила против ЕУ.

„Иако гласањето беше тесно во корист на измени на Уставот, тоа значи дека Турција сè повеќе се оддалечува од владеењето на правото и демократијата. Исходот од гласањето е јасен сигнал против ЕУ“, рече тој во изјавата на агенцијата АПА.

Курц рече дека сега очекува јасен одговор од ЕУ и додаде дека конечно е потребна искреност во односите меѓу ЕУ и Турција, затоа што, како што рече, времето за тактизирање заврши.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top