Кин се отвори: Требаше да му ја откинам главата на Квеироз

Легендарниот капитен на Манчестер Јунајтед, Рој Кин откри една интересна случка поврзана со актуелниот ирански селектор Карлос Квеироз..

Двајцата работеа заедно под водство на Алекс Фергусон во најславните денови на клубот од Олд Трафорд, но ирскиот фудбалер вечерва откри дека односите не им биле најдобри.

“Не знам од која причина, пред крајот на мојот престој во Јунајтед, тој покажа непочитување кон мене и тоа страшно ме иритираше. Се осмели да ја доведе во прашање мојата лојалност кон клубот и подоцна зажалив што тогаш не му ја откинав главата.

Но, тоа нема врска со неговата стручност. И натаму сметам дека е одличен тренер и врши голема работа”, изјави Кин.

Квеироз работеше во Јунајтед во два наврата: во сезоната 2002/03 и потоа од 2004 до 2008 година. Во меѓувреме имаше краток неуспешен престој во Реал Мадрид. Кин го носеше црвениот дрес до 2005 година, а кариерата ја заврши во Селтик една сезона подоцна.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top