Кина бара од САД да се откажат од заканите со трговски санкции

Пекинг во четвртокот побара од Вашингтон да ги повлече своите закани со трговски санкции само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша меморандумот за „економската агресија на Кина“..

„Бараме од САД да се премислат и да донесат претпазливи одлуки и да избегнат трговските односи меѓу Кина и Соединетите држави да бидат изложени на опасност“, се наведува во соопштението на кинеската амбасада во Вашингтон.

Со потпишување на меморандумот американскиот претседател ги спомена казнените мерки против кинескиот увоз чијшто износ би можел да достигне „60 милијарди долари“ за да се стави крај на она што Вашингтон го смета за нелојална конкуренција од страна на Пекинг и кражба на интелектуална сопственост. Претходно советниците на Трамп за економија спомнуваа сума од „околу 50 милијарди долари“.

„Доколку САД покренат војна, Кина ќе се бори до крајот во одбраната на своите сопствени и легитимни интереси со сите потребни средства“, предупредува кинеската амбасада коешто, исто така, изразува жалење што Вашингтон „ги игнорирал рационалните гласови“ и истакнува дека остро го осудува овој вид „еднострани протекционистички акции“.

Кинеската амбасада, покрај тоа, предупредува дека ваквите чекори ќе имаат штетен крај за американските компании и за потрошувачите, како и за пазарите.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top