Кина ќе спушти летало на темната страна на месечината

Ако успее, Чанг'е-4 ќе биде првото летало што слетало на далечната страна на Земјиниот природен сателит..

Кинеската национална вселенска управа (ЦНСА) ги чува деталите во тајност, датумот на лансирањето на мисијата сè уште не е официјално објавен, но се шпекулира дека тоа ќе се случи во раните утрински часови на 8 декември по пекиншко време, 7 декември по наше. Се шпекулира дека локацијата на слетувањето е кратерот Вон Карман, кој е дел од најголемиот, најдлабок и најстар слив на месечината.

Откако ќе слета, Чанг'e-4 ќе се најде „лице во лице“ со големиот број кратери на месечината. Леталото ќе врши и радиоастрономски експерименти и ќе тестира дали во гравитацијата на месечината може да растат растенија. За посетата на подалечната страна беа потребни дополнителни подготовки поради начинот на кој месечината ги блокира радиосигналите. За да се справи со ова, Кина во мај го лансираше сателитот за комуникации Цјуецао.

Кинеската програма за истражување на месечината почна во 2004 година. Оттогаш, ЦНСА лансираше две орбитални сонди, наречени Чанг'e-1 и Чанг'e-2, како и лунарниот ровер Чанг'e-3. Роверот Чанг'e-3 беше првото вселенско летало што слета на месечината по советската мисија за враќање примероци во 1976 година, но не стигна далеку. По два месечински дена (околу еден месец според времето на Земјата), тој ја загуби својата способност за движење.

Кинескиот Чанг'e 5, чие лансирање е закажано за в година, ќе се обиде од своето патување до месечината да донесе лунарни примероци на Земјата.

И САД, Индија, Јапонија и Русија, исто така, планираат во иднина да слетаат на месечината.

Следната година, најверојатно, ќе можеме да го видиме и првото приватно слетување на Месечината, кога ќе се обидат да полетаат учесниците на Лунар Екс прајз на Гугл.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top