Кина вели дека новите американски санкции се неприфатливи

Кинеското министерство за трговија денес соопшти дека предложените американски царини од дополнителни 20 милијарди доалри на увозот на кинески производи се целосно неприфатливи, додавајќи дека Пекинг ќе мора да одговори на најновите потези на Вашингтон..

Во соопштението на кинеското министерство се порачува дека американските потези им штетат на сопствените американски интереси, на Кина и на остатокот од светот.

Ова е одговор на Кина на вчерашната изјава на американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер дека владата планира да воведе дополнителни 10-отстотни царини на кинески увоз вреден 200 милијарди долари во рок од два месеци.

Со ова владата на Доналд Трамп го засилува притисокот во трговската војна со Кина во која минатата недела беа воведени царини од 25 отсто на 34 милијарди долари вреден кинески увоз, на кои Пекинг одговори со реципрочни мерки.

Трамп претходно порача дека САД би можеле да воведат царини на увоз на кинески производи во износ од 500 милијарди долари.

Од почетокот на мај двете земји одржаа неколку рунди преговори во кои САД се обиде да го намали својот трговски дефицит со Кина од 375 милијарди долари, но сѐ уште нема договор.

Најавата на новите царини на увоз на кинески производи во САД предизвика утринава остар пад на цените на акциите на азиските берзи.

„Бидејќи нема да има брз крај на спорот, а не се ни навестува, можноста за јакнење на трговските тензии и протекционизмот, како и глобалната војна, станува најголемиот негативен ризик за растот на светските економија и трговија во 2018 и 2019 година“, порача Раџиц Бисвас, главен економист во компанијата ИХС Марит.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top