Кинески весник тврди дека Хонг Конг нема да стане новиот Тјенанмен

Кинески весник се осмели денеска да потсети на крвавото задушување на протестите на Тјенанмен, кои се табу во земјата, истакнувајќи дека евентуалната воена интервенција во Хонг Конг нема да биде реприза на масакрот што војската во Пекинг го изврши во јуни.

„Пекинг нема одлучено да интервенира со сила за да го задуши бунтот во Хонг Конг, но очигледно ја разгледува можноста“, пишува дневниот весник на англиски Глобал тајмс во својот коментар на насловната страница.

Дури и ако комунистичкиот режим одлучи да им ја испрати војската на демонстрантите, „инцидентот во Хонг Конг нема да биде реприза на политичкиот инцидент што се случи на 4 јуни 1989 година“, додава весникот склон кон национализам.

Официјални бројки за бројот на загинатите во Тјенанмен никогаш не беа објавени, но експертите проценуваат дека имало од повеќе стотици до над илјадници мртви.

Весникот не пишува ништо за тоа како евентуално би се сузбиле двомесечните протести за демократија во Хонг Конг, туку ги анализира долгорочните дипломатски последици од воената интервенција за Пекинг.

„Вашингтон нема да може да ја заплаши Кина користејќи немири од пред 30 години. Кина е многу посилна, позрела и поспособна да се справи со тешките ситуации“, додава весникот, близок до Народен дневник, гласило на Кинеската комунистичка партија, која е на власт.

По крвопролевањето на плоштадот Тјенанмен што демонстрантите го окупираа во потрага по демократија, Кина беше изолирана од меѓународната заедница, а нејзината економија претрпе двегодишна стагнација.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top