Ќе бидат ли Рекет и СЈО услов за датум за ЕУ?

Политички притисок или реална закана за датумот за преговори за зачленување во ЕУ - аналитичарите со поделени мислења за зачестените изјави на странските дипломати дека случајот Рекет и иднината на СЈО може да влијаат врз есенската одлука на земјите-членки.

На околу два месеца до октомври, кога се очекува одлуката дали земјава ќе добие датум за почеток на преговори за зачленување во Европската унија, се почести се изјавите на странските политичари и дипломати дека расчистувањето на аферата Рекет и законот за Јавно обвинителство ќе влијаат врз одлуката на земјите-членки. Аналитичарите со поделени мислења за директниот ефект на овие две прашања врз одлуката за датумот.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија Европската унија, „не може до бескрај да си доделува нови критериуми за давање на датум за преговори“ оти, како што вели, веќе постои јунската одлука на Советот за општи работи на ЕУ во која се наведува дека Македонија ги исполнила условите за добивање датум.

„Специјалното јавно обвинителство и јавното обвинителство се исклучително важни, особено е важен случајот Рекет и неговото разрешување, најмногу поради доверба во институциите, но сите овие процеси не би требало, а и не биле претходно услов, туку мислам дека се некаков вид на добронамерен политички притисок за забрзување на реформската динамика, меѓутоа не мислам дека се и исклучувачки услов за добивање или недобивање датум”, вели Трошановски.

Неодамна американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмерво интервју за Гласот на Америка рече дека ако не се заврши истрагата за случајот „Рекет“ може да бидат поткопани изгледите на Македонија за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири смета дека токму ефикасната истрага за случајот Рекет е една од клучните работи врз кои земјите-членки ќе ја донесат својата одлука за датумот.

„Поврзано со ова е и функционирањето на СЈО кое во изминатиот период има испорачано резултати во однос на борбата со криминалот и корупцијата. Како и да е, сметам дека тие две работи ќе бидат клучни за одлуката за датумот”, вели Незири.

Во меѓувреме, обвинителство вели дека работи на расчистување на случајот Рекет, а партиите велат дека разговараат за законот со кој ќе се реши иднината на Специјалното јавно обвинителство и за пописот, а се наметна и друга тема-датумот за предвремени парламентарни избори.

„Политичките партии во минатиот период покажаа исклучително ниско ниво за државен интерес, стратегиските цели и приоритети на земјава имајќи предвид дека законите за кои што се зборува – за Јавно обвинителство, пописот и за изборите се од исклучително значење за идниот развој на државава“, вели Трошановски.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат спротивни ставови и за датумот за предвремени избори, власта понуди октомври 2020 година, а опозицијата бара тие да бидат во април или мај. Според Незири ваквите позиции произлегуваат од интересите на двете страни - на ВМРО-ДПМНЕ им одговараат избори порано, охрабрени од добриот број гласови на претседателските избори, а на власта наесен кога преговорите за Европската унија би биле почнати, а ефектите од економските мерки граѓаните би ги почувствувале.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top