Ќе се бараат алтернативни рути за пругата и автопатот за Охрид да остане под закрила на УНЕСКО

Владата на денешната седница ја усвои информацијата за постапување по препораките на УНЕСКО и одлучи да продолжи со исполнувањето на релевантните препораки и одлуки на УНЕСКО..

– Владата го задолжи вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев во соработка со Канцеларијата на премиерот Зоран Заев да формира работна група составена од функционерите на сите засегнати институции којашто ќе постапи по забелешките на УНЕСКО за анализа за алтернативна рута на железничката пруга долж Коридорот 8, како и рутата од автопатот А2 Требеништа – Струга, согласно наодите на Реактивната мониторинг мисија и релевантните препораки на УНЕСКО, стои во соопштението на Владата.

Предлог решенијата треба да бидат доставени до Владата најдоцна до 15 јануари 2020. Министерството за транспорт и врски, е задолжено во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи инвентар на нелегални градби во Регионот и истиот да го достави до Владата најдоцна до први септември оваа година.

Министерствата за животна средина и просторно планирање и за култура, се задолжени да изработат предлог План за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион, усогласен со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, и истиот да биде доставен до Владата за усвојување, најдоцна до почетокот на декември 2019-та година.

Владата силно ги охрабрува општините Охрид и Струга да ги исполнат препораките на УНЕСКО, со крајна цел Охридскиот регион и натаму да биде под закрила на УНЕСКО.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top