Ќе тргне ли Мицкоски по стапките на Заев или ќе остане политичка „марионета“ на Груевски?

Лидерот на СДСМ Зоран Заев е долги години социјалдемократ и еден од позначајните политички фигури во партијата..

Тој беше долгогодишен градоначалник на Струмица од редовите на СДСМ односно три мандати, а неговата партија победи и по четврти пат, по што струмичките социјалдемократи за градоначалник го добија д-р Коста Јаневски. Ова секако беше оправдан чин, бидејќи Заев не можеше повеќе да ја извршува функцијата градоначалник откако стана прв човек на партијата, а потоа и премиер на Република Македонија.

Претседател на СДСМ во периодот кога Заев ја извршуваше функцијата градоначалник на општина Струмица беше Бранко Црвенковски. Тој во април 1991 година бил избран за претседател на СДСМ. На 5 септември 1992, тој станал вториот македонски премиер по осамостојувањето на државата од Југославија. Инаку, Црвенковски беше долги години прв човек на партијата, а во очите на целата македонска јавност беше обележан како единствен лидер кој може да го води СДСМ. Сепак, СДСМ и покрај долгогодишната борба на Црвенковски и тогашното раководство не успеа да го победи Груевски на избори. Како дел од аргументите за тоа според многумина се меѓународната поддршка која не беше на страна на тогашната опозиција, но и моќта која ја имаше воспоставено Груевски и неговата партија дури беа предводници на извршната власт. Црвенковски се повлече од функцијата претседател на СДСМ во 2013 година, а како кандидат за лидерски мандат по неговото заминување најголеми шанси имаше Зоран Заев, токму поради посветеноста и комуникативноста и фактот дека  зад себе има три победи во Струмица, во време кога победата беше реткост во СДСМ.

Останатите двајца кандидати на конгресот, Зоран Јовановски и Кире Наумов освоиле вкупно 220 гласови, додека стотина делегати воопшто не присуствуваа на конгресот, а Зоран Заев беше избран за претседател со 384 гласови од вкупниот број на делегатите.

И покрај сомневањата во неговите лидерски капацитети, Зоран Заев за кратко време изгради своја структура во партијата, успеа да ја врати поддршката за опозицијата од страна на меѓународниот фактор, направи политичка стратегија за уривање на Никола Груевски од власт, имаше храброст да ги објави бомбите со кој апсолутно ја разобличи тогашната извршна власт и нејзиниот начин на владеење и направи вистински политички кам бек на неговата партија, за која многумина мислеа дека е пред распад.

Со ваквите негови постапки, Заев успеа да создаде свој имиџ во партијата и да ја издвои сенката на Црвенковски од него. Истата перцепција за промената на првиот човек во партијата на СДСМ, денеска ја има и за партијата ВМРО-ДПМНЕ. Имено, во јавноста се уште се зборува дека Мицкоски има влијание од неговиот претходник Груевски, иако новото раководство на партијата упорно се обидува да го прикаже сосема спротивното.

Екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски зад себе има тешки обвиненија покренати од СЈО, за местење на изборни нерегуларности, за насилствата во Центар, како и за уривањето на станбениот комплекс Космос на бизнисменот Фијат Цаноски.

Дали новиот лидер на партијата Христијан Мицкоски ќе тргне по стапките на премиерот Зоран Заев и преку градење на своја структура, меѓутоа и оставање на свој препознатлив белег на политичката сцена ќе успее да се издвои од сенката на Никола Груевски или ќе биде негова политичка марионета останува да покаже времето пред кое претстои пред нас.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top